Благодарение на Кристина Деолска, архитектка од Делчево, која слика во прастара техника енкаустика, каде што сликите се создаваат со растопен восок, учениците од многу училишта во земјава, по нејзините едукативни часови, полека навлегуваат и ја совладуваат оваа прастара техника на сликање.
Деолска покрај тоа што слика во енкаустика, таа пишува и поезија, а уште во 2015 година ја промовира првата збирка песни „Помеѓу сонот и јавето“.
– Со овие едукативни часови, кои ги држам по училиштата, имам за цел оваа сликарска техника, недоволно позната кај нас, да им ја пренесам на помладите генерации. Токму затоа ги посетив и учениците од кичевското основно училиште „К.Ј.Питу“ и на дел од нив од повисоките одделенија, им ја презентирав техниката сликање со растопен восок. Тие не само што внимателно ја следеа постапката како се твори во оваа техника туку и некои од нив се потрудија и самите да создадат некое свое дело. Верувам дека кај повеќето ученици во иднина ќе се создаде навика и тие да сликаат во оваа техника и да станат успешни мајстори – истакна Кристина Деолска..
Учениците беа презадоволни од можноста да видат и да научат една недоволно позната сликарска техника и ветија дека и тие ќе бидат продолжувачи на овој вид сликање.