Пандемијата на ковид-19 ги уништи соништата на многу парови за голема свадба, но во Малезија се одржала со 10.000 гости и со почитување на сите мерки, пренесува „Би-би-си“.
Малезискиот пар одлучил да ги заобиколи мерките што го ограничуваат бројот на гости на 20 и да прими 10.000 луѓе, почитувајќи ги сите правила во врска со ковид-19, на која гостите за цело време престојувале во своите автомобили.
Во неделата наутро, младенците ги поздравувале гостите пред големата владина зграда во Путрајаја, град јужно од Куала Лумпур, главниот град на Малезија, кои полека минувале покрај нив со автомобилите.
Прозорците на автомобилите со гостите биле затворени, а младенците ги поздравувале на физичко растојание.
Можеби не звучи како вообичаена венчавка, но младоженецот Тенгу Мухамед Хафиз и младата Океана Алагриа не се било кој. Младоженецот е син на влијателен политичар и поранешен министер Тенгу Аднан, кој истиот ден го прославил и својот роденден.
– Јас сум информиран дека повеќе од 10.000 автомобили поминале тука од утрово. Моето семејство и јас сме почестени. Ви благодарам на сите што ги разбравте и почитувавте сите прописи присуствувајќи на свадбата без да излезете од автомобил – напишал гордиот татко на својот профил на Фејсбук, споделувајќи и фотографии.
Цели три часа поворката од автомобили со гости поминувала покрај младенците. Сепак, тие не добиле само поздрав од среќните младенци како знак на благодарност што присуствуваат на драјвин-свадбата.
Почитувајќи ги правилата за физичко растојание, гостите биле послужени со спакуваната храна низ прозорецот на автомобилот и продолжале да возат.
Прославата се одржа само еден ден пред таткото на младоженецот да биде обвинет за случај на корупција вреден половина милион долари и осуден на 12 месеци затвор.
Малезија во моментов се соочува со нов бран ковид-19. Досега се потврдени околу 92.000 случаи а досега починале 430 лица.