Композициите на Сергеј Рахманинов (1873-1943) изобилуваат со исклучителна мелодиска убавина и свежа хармонија, имаат традиционална, но мајсторски изработена, архитектонска структура. Неговата музика се темели на руската традиција, тој е нејзин чувар и наследник на романтичната нишка на Чајковски.
Вториот и третиот клавирски концерт и Рапсодијата на тема на Паганини се неговите најпрепознатливи дела. Сите големи пијанисти ги изведуваат уште од дамнина, ги изведувал и тој самиот. На неброено многуте концерти низ светот често го свирел и својот Прелудиум во Цис-мол.
Пролетта 1892 година Рахманинов дипломирал на Московскиот конзерваториум. Како дипломиран композитор, својата професионална кариера ја започнал со прекрасниот Прелудиум за соло-пијано. Идната година делото било издадено и за него Рахманинов добил паричен надоместок од 40 (тогашни) рубли. Млад и неискусен, во прв момент се задоволил со овие пари. Издавачот го насамарил, во договорот не бил ставен авторскиот хонорар. Дури ни кога Прелудиумот „експлодирал“ на концертните подиуми и станал едно од најпопуларните композиции во тоа време (а и денес), за него веќе не следувале пари. Тие 40 рубли, за жал, биле единствените пари што Рахманинов ги добил за ова врвно дело од пијанистичката литература.
Саканиот Прелудиум му станал омразен, не само заради парите. Речиси триесет години подоцна, во едно интервју Рахманинов објаснил зошто оваа прекрасна четириминутна драматично-романтична композиција го излудува, како што самиот рекол. „Често жалам што го напишав Прелудиумот… Никогаш, никогаш не можам да избегам од која било концертна сала без да го отсвирам. Ме следи насекаде… имам чувство дека публиката доаѓа на моите концерти единствено за да ме чуе како го свирам ова дело – дека тие седат на концертот само за да го дочекаат… и јас сум веќе многу уморен од сето тоа“.
Лада Шоптрајанова Петровска