На еден јавен говор треба да му се даде душа, личен печат, затоа е потребна добра подготовка, која е и клучна за зголемување на самодовербата на говорникот
Кога ќе ги прашате луѓето низ светот од што најчесто се плашат, ќе добиете различни одговори. Високо на листата на стравови е стравот од јавно говорење. Многу студии покажуваат дека луѓето стравот од јавен говор го рангираат пред стравот од смртта. Водени од овие по малку застрашувачки податоци, го отворивме Центарот за јавно говорење, за луѓето да го спознаат, контролираат и да го надминат стравот од јавно говорење, вели Марија Димишкова, која ги води тренинг-програмите.
Таа има работено како тренерка за јавно говорење на повеќе проекти од областа на говорништво, меѓу кои „Вештини на јавно говорење“, „Јазични бариери во комуницирањето“, „Победете го стравот од јавен говор“.
Центарот за јавно говорење нуди индивидуални, групни и корпоративни тренинг-програми за усовршување јавен настап и унапредување на презентациските и говорничките вештини.
– Независно од професионалната определба, секој од нас одвреме-навреме се соочува со потребата да одржи јавен говор или презентација. Јавниот настап може да помине добро или да не ги исполни нашите очекувања и тука започнува развивањето серија стравови што се монтираат во нашите глави. Добрата вест е дека само со помош на добра подготовка и солидно говорничко искуство, може да станете говорник што зрачи со сигурност и самодоверба – ни изјави Марија Димишкова.
Центарот за јавно говорење има мисија да создаде комплетни говорници, со кои ќе се работи на совладување на говорничките вештини, координација на невербалната комуникација, совладување на тремата и стравот од јавен настап и стекнување говорен стил и имиџ.
– Тренинг-програмите ќе бидат наменети за директори на компании, менаџери за продажба и маркетинг, сопственици на мали, средни и големи претпријатија, студенти, лица што сакаат да ги унапредат говорничките вештини, лица што имаат страв и трема од јавен настап, лица што настапуваат на радио и телевизиски емисии – информира Димишкова.
Околу 75 отсто од светската популација се бори со стравот од јавно говорење. Во оваа бројка влегуваат и голем број популарни лица што секојдневно ги гледаме на телевизиските екрани.
– Опра Винфри и Џеј Лено не се срамат да признаат дека во својата кариера се соочиле со голема трема пред да одржат јавен говор. Докажаната актерска легенда Харисон Форд во едно интервју има кажано дека долги години се борел со стравот од јавно говорење, што дури и кога требало да толкува улога на лик што ѝ се обраќа на одредена публика повторно се чувствувал непријатно. Стравот умее да биде сериозен непријател кога станува збор за реализирање на сите животни амбиции. При јавното говорење, ако не го контролирате и не применувате техники на намалување на стравот, умее да ве совлада – вели Марија.
Кога станува збор за јавното говорење, луѓето стравуваат дека не се доволно добри, дека се предмет на потсмев и критики, дека не ги исполнуваат очекувањата на околината или претпоставените. Тие се сериозни грижи со кои се соочува еден говорник и кои умеат да предизвикаат серија емоционални и физички состојби. Во Америка била спроведена анализа на пулсот на личности што имале трема пред јавен говор и резултатите покажале дека кај некои се искачувал и до 200.
– Стравот се победува на еден начин, само ако му погледнеме во очи и одлучиме да го трансформираме во мала позитивна трема. Тремата е здрава кога е во мали дози, затоа што всушност сигнализира дека правиме нешто што ни е од голема важност. Мора да имаме на ум дека голем процент од тремата што ја чувствуваме е невидлива за публиката. Најлесен начин за надминување на тремата е со секој нареден јавен настап или, во превод, унапредување на говорничкото искуство. На почетокот на април, Центарот за јавно говорење ја организира првата групна тренинг-програма што ќе се фокусира на намалување на стравот од јавно говорење – ни сподели Марија.
Според неа, говорењето пред публика е неверојатна уметност.
– Многумина се фокусираат само на содржината на она што го говорат, но не секогаш е доволно тоа. На еден говор треба да му се даде душа, личен печат, нешто по што ќе ве паметат луѓето. Затоа, потребна е добра подготовка, која е и клучна за зголемување на самодовербата на говорникот – додава Димишкова.