Николас Кејџ ќе се глуми себеси во новиот филм што ја донесува приказната за очајничкиот обид на Николас Кејџ да добие улога во филм на Квентин Тарантино. Според пишувањето на „Холивуд рипортер“, прашање на момент е кога „Лајонсгејт“ ќе го купи овој филм со наслов „Неподнослива тешкотија на огромниот талент“.
Сценаристи на филмот се Том Гормичан и Кевин Етен, двоец што ја донесува измислената приказна за Николас Кејџ, кој нема среќа и очајнички сака да добие улога во филм на Квентин Тарантино. Освен тоа, Кејџ во филмот се обидува да се ослободи од долговите, па се согласува да отиде на роденденска забава на припадник на мексиканскиот наркокартел, кој е негов обожавател, а кој сака да му понуди сценарио што го напишал неговиот наркобос. Освен тоа, Кејџ се обидува да го поправи односот со својата ќерка, која е во тинејџерски години. Наводно, Николас Кејџ се согласил да глуми во овој филм, бидејќи сценаристите му објасниле дека целта не им е да се подбиваат со него, туку да оддадат почит за неговите најдобри улоги.