Групата „Нокаут“ го врати времето назад и со својата временска машина не прошета низ 20-годишната успешна музичка кариера на синоќешниот јубилеен концерт во СРЦ Кале во Скопје.
Никола Перевски Пере, заедно со останатите членови на бендот (клавијатури Борче Кузмановски, тапани Благоја Антовски, гитара, Горјан Петровски, саксофон Горан Кавраков, бас, Виктор Николовски, придружни вокали, Бојан Перевски, брат на Пере и Михаела Перевска, ќерка) не посети на најголемите хитови на „Нокаут“, што ги отпеја заедно со расположената публика од повеќе генерации. Сепак, најбројни беа оние кои растеа со: „Лебедот бел“, „Телефонскиот број не постои“, „Да си тука вечерва“, „Во бестрага“, „Знаеш каде да ме најдеш“, „Позитивно“, „Би се викал те сакам“, „Леат дождови“, „Мене ми припаѓаш“…
Организаторот на оваа средба со спомените, продукцијата „Авалон“ го организираше концертот токму на местото каде пред две децении групата го одржа својот прв голем концерт, потсетувајќи не на нивниот музички багаж, кој е за респект.
Откако пред скопјани се претставија членовите на „РГБ“ бенд, „Нокаут“ го почнаа концертот со хитовите: „Вечерва ќе биде бум“, „Дождот“, „1000 прични за крај“, „Позитивно“, „Временска машина“, „Хај Фај“, „Ти си моја фатална опсесија“, „За нас“, „Да си тука вечерва“, а ја слушнавме и најновата последната „Кога ме сакаш ти“.
Групата „Нокаут“ е основана 1997 година, а реоформена 2006 г. Основач на бендот е Никола Перевски Пере, а членови на првиот состав се: Кирил Колемишевски (втор вокал), Ацо Богдановски Конга (перкусии) и Владимир Крстесвки Франц (гитара). Иако од оригиналниот состав, во групата е само Пере, „Нокаут“ се уште се активни на македонската музичка сцена, настапуваат, снимаат нови песни и се трудат сето она што публиката им го дава, да го вратат со квалитет, искреност, со добра музика и лојалност, продолжувајќи да ја раскажуваат својата музичка приказна, за која веруваме ќе се слушне и надвор од нашите граници. Во моментот се работи на четвртиот албум.
Инаку, славеничкиот концерт, во полната сала на СРЦ „Кале“, на бината која личеше на боксерски ринг, почна откако музичарите, Игор Џамбазов ги претстави во стилот на боксерските натпревари, а три убави девојки ги најавија рундите. Всушност тоа беше музичка борба меѓу „Нокаут“ и публиката, која доброволно беше нокаутирана и го предадее мечот уште на почетокот.
Многу емоции разбуди и емитувањето на краткиот филм за Јорданчо, младо аутистично момче од Велес, кого го видовме и на сцената, каде пееше заедно со Пере една до омилените песни од „Нокаут“, „Лебедот бел“.
Магија се случи и кога зазвучеа првите тактови на „Би се викал те сакам“, на текст на Тони Михајловски, кога публиката речиси сама од почеток до крај ја испеа оваа прекрасна балада.
Од песна во песна Пере звучеше се поугестивно, а неговите интерпретации беа се поемотивни. Пред секоја песна тој раскажуваше по некој интересен податок, каде е снимена, кој е авторот, а дознавме и дека синоќа Михаела, неговата ќерката, го прослави својот 20-ти роденден.
Концертот не би бил комплетен без Игор Џамбазов и Гуру Харе, кој за „Нокаут“ ја напиша „Ти си таа“, а „Што бараш ти во моја песна“ е дело на Пере и на Игор.
Џамбазов се потсети дека пред 23 години Пере присуствувал на трите негови блуз концерти во Универзална сала и оттогаш трае нивното големо пријателство со македонскиот Џони Деп.
Игор кој ги испеја и „Over dose од blues“, „Една труба нон стоп труби“, а преработката на „Ако умрам ил загинам“ му беше посветена на Ацо Богдановски Конга, кој веќе не е со нас.
Со „Мене ми припаѓаш“, почна и последната рудна со најголемите хитови на „Нокаут“, кога публиката и играше и врескаше, пееше и аплаудираше во такот на мзуиката. По два ипол часа одлична свирка, на вториот бис роденденскиот концерт на „Нокаут“ заврши традиционално со звуците на еден од првите нивни поголеми хитови, преработката „Еј би си“.