Во рамките на активностите на Црвениот крст, од 21 до 27 септември, седма година по ред се одбележува Неделата на хумани вредности во целата земја. Секој град во текот на оваа седмица реализира заедничка унифицирана активност, а особено беа активни активистите од Кичево.
– Во изминатите шест години, Неделата на промоција на хумани вредности е одбележана со различни активности, како што беа театарски претстави, поетско читање, невербална драма, приказни за херои од мојот град, конкретизирање на текст на тема различности, а оваа година Неделата на хумани вредности во нашиот град беше одбележана со дефиле низ градските улици и заедничка вежба. Волонтерите на Црвениот крст од нашиот град, кои биле активни во текот на овој ЦКА-ПХВ циклус, продефилираа низ градските улици да покажат дека многу им значи заедницата во која живеат и заедно промовираат добра комуникација, надминување на предрасудите и обединување на хуманитарните цели – истакна Валдете Адили, активистка на Црвениот крст од Кичево.
Инаку, во Кичево волонтерите продефилираа од Дневниот центар за деца со посебни потреби, каде што кратко време се дружеа со децата од центарот, потоа дефилето го продолжија низ улицата Рудничка, булеварот Ослободување, сѐ до градскиот плоштад, каде што имаа заедничка вежба за поврзување и зајакнување на тимскиот дух. Дефилето беше организирано од страна на Донатела Вељаноска и Арион Рамадани и ОО на Црвениот крст, Кичево.