Во интервју за познатата американска телевизија „Фокс њуз“, првата дама на САД Меланија Трамп ги прозва таканаречените „опортунисти“, како што се новинарите и медиумите кои според неа, се обидуваат да се прослават преку пишување на негативни работи за неа и нејзиното семејство.
-Голем број на „опортунисти“ го користат моето име или името на моето семејство за да напреднат во кариерата и да се прослават како новинари, перформери и автори на книги- изјави Меланија за „Фокс њуз“.
Таа исто така констатираше дека овие пишувања на новинарите и писателите лично не ја повредуваат, но смета дека тие пишуваат историја која не е точна. Првата дама, која е поранешен модел дополни дека медиумите многу често се фокусираат само на „озборувања“ и неточни тврдења, без да ја следат суштината на нејзината вистинска работа.
-Знам дека ќе добивам критики и од јавноста и од медиумите, но јас ќе се обидам да го направам она што сметам дека е правилно за државата и за луѓето кои живеат во неа. Затоа велам дека сакам да останам искрена сама со себе и верувам дека ќе го направам она што е правилно и да живеам убаво секојдневно – констатира Меланија Трамп.
На прашањата за тоа дали таа му се спротивставува на претседателот Доналд Трамп, таа вели дека понекогаш не се согласува со неговиот тон на изразување.
– Му имам кажано на Доналд дека понекогаш не ми се допаѓа неговиот тон, но на крајот тоа е негова одлука. Тој знае за последиците и е возрасен човек. Но, тој е и голем борец за Америка и секојдневно се бори за луѓето кои живеат тука – заврши првата дама на САД.
Ова е само второ телевизиско интервју на Меланија Трамп откако нејзиниот сопруг Доналд беше избран за претседател во 2016 година.