Каван, кој е наречен најосамен слон на светот, откако со години беше сам во зоолошката градина во Исламабад, во Пакистан, деновиве со скандирање на будистичките монаси беше пречекан во Камбоџа. Потоа беше испратен до резерватот за животни каде што ќе живее.
Како и други патници во овој период, Каван бил тестиран на ковид-19 пред авионскиот лет. По сместувањето и за време на седумчасовното летање, тој добил 200 килограм „грицки“, пренесе агенцијата АП. Се наведува и дека слонот бил под стрес за време на патувањето. Ветеринарот Амир Халил го следел на патувањето. Инаку, докторот соработува со „Четири шепи“, група за спасување животни со седиште во Виена, која ја организирала целата акција.
Слонот Каван, подарок од Шри Ланка за Пакистан, од 1985 година живеел во зоолошката градина во Исламабад, со својата партнерка Сахели, но таа умрела во 2012 година. Некаде во тој период зоолошката градина преживувала тежок период, условите за живот станале многу лоши, поради што судот наложил нејзино затворање во август годинава. Состојбата на азискиот слон го привлекла вниманието на светската јавност, а за Каван се заинтересирала и американската пејачка Шер, која била вклучена во неговото спасување и престојувала во Камбоџа поради доаѓањето на џиновското животно.
Ветеринари и стручњаци за слонови, кои работат за здружението „Четири шепи“, поминале три месеци во Исламабад, тренирајќи го Каван трипати дневно за да може безбедно и без стрес да влезе во кафезот, тежок четири тони, кој вклучува и систем што може да прими 200 литри урина. Според нивните зборови, многу мал број возрасни слонови на планетата се преместени со авион на друга локација, па затоа подготовките биле макотрпни.
Исто така слонот имал прекумерна тежина поради неправилната исхрана од 250 килограми шеќерна трска секој ден. Со помош на докторот Халил, Каван во последниве месеци загубил еден тон од својата тежина.
За да се навикне на контролирано опкружување, слонот ќе биде пуштен во
засолништето за диви животни на северот на Камбоџа, каде што околу 600 азиски слонови живеат во мир и спокој, велат локалните жители.