Македонското еколошко друштво, во соработка со уште седум организации од Европа, почна да го спроведува проектот „Балкан детокс лајф“, со кој ќе се издигнува свеста во однос на труењето диви животни
Македонското еколошко друштво, во соработка со уште седум организации од Европа, почна да го спроведува проектот „Балкан детокс лајф“, финансиран од ЕУ, со кој ќе се издигнува свеста во однос на труењето диви животни. Исто така ќе се зајакнуваат националните капацитети за борбата против труењето на дивите животни, што претставува една од најголемите причини за смртност и пад на популациите за голем број загрозени диви видови, особено мршојадците. Нелегалното труење и користење отрови е голема закана и по животната средина и јавното здравје.
– Нелегалното труење веќе предизвика целосно истребување на црниот и брадестиот мршојадец од нашата држава во последните неколку децении. Во моментов, отровните мамки претставуваат најголема закана за преостанатите два вида мршојадци што живеат во нашата земја: египетскиот и белоглавиот мршојадец. Ние сме среќни и возбудени што ќе почнеме да го решаваме проблемот на институционално и локално ниво и ќе бидеме вклучени во меѓународна мрежа на партнери. Очекуваме нашите напори да придонесат кон закрепнување на популациите на диви животински видови што се засегнати од оваа штетна практика – вели Ненад Петровски, раководител на проектот од Македонското еколошко друштво.
Преку проектот, организациите ќе работат заедно со разни национални и меѓународни чинители, почнувајќи од владини органи до ловци и сточари, за да се минимизира заканата и да се постигнат резултати во седум балкански земји.
– Нелегалното труење на дивиот свет е еколошки криминал и, како такво, потребно е соодветно вклучување на властите при регистрација, истрага и казнување на овие активности. Овој проект ќе соработува заедно со владините органи за да го постигнеме токму тоа – вели Јован Андевски, менаџер на програмите за заштита во Фондацијата за заштита на мршојадци од Шпанија.
Најчестиот начин на труење диви животни на Балканот е намерното поставување отровни мамки за убивање диви предатори или други диви и домашни животни што може да му нанесат штета на добитокот или на некои видови дивеч.
Покрај животните на кои се цели, страдаат и други ранливи видови, бидејќи станува збор за неселективен начин на истребување животни. Мршојадците што се исхрануваат исклучиво со мртви животни честопати стануваат жртви на труење – со директно консумирање отровна мамка или со хранење со телата на затруени животни. Честите и континуирани инциденти со труење на Балканот резултираа со 465 случаи на затруени мршојадци во текот на изминатите 20 години. Студија спроведена од Фондацијата за заштита на мршојадците проценува дека најмалку 115 мршојадци годишно умираат од труење на Балканот, бидејќи само 20 отсто од ваквите инциденти се откриени и документирани. Проектот „Балкан детокс лајф“ ќе се спроведува пет години.