Велат за музиката нема нација, раса, полова различност, старосни граници, едноставно таа допира до сите луѓе што го разбираат нејзиниот универзален јазик. Исто така, музичките сладокусци во светот, но и кај нас, сѐ почесто можат да уживаат во акордите што одекнуваат од најневообичаени места на кои може да се одржи некој концерт. Пред 51 година, на 30 јануари 1969 година, „Битлси“ го одржаа својот последен заеднички концерт, и тоа на покривот на нивната продукциска куќа „Епл“, во центарот на Лондон. Освен што ова беше последна шанса славната ливерпулска четворка да се види заедно на сцената, концертот беше необичен и по местото на одржување. Некои од понеобичните локации за одржување концерти се и концертот на „Апокалиптика“ во музеј за патологија, „Металика“ свиреше среде белината на Антарктик, Жан Мишел Жар пред пирамидите во Египет, „Рејџ агеинс д машин“ на Волстрит, а „Секс пистолс“ на брод на Темза…
И кај нас одекнуваа звуци од недопрени споменици на природата, а музичарот Петар Ренџов можеби е најинвентивен кога се во прашање местата што ги избира за промоција на своите албуми.
– Се обидувам да пронајдам соодветна атмосфера за музиката што ја изведувам, па затоа се трудам секогаш да најдам некое посебно, уникатно место каде што ќе прозвучи мојата музика. Со Матка, каде што во 2005 година го промовирав албумот „Сонот на невестата“, сум поврзан уште од моето детство. Ми дојдоа само најдобрите другари и пријатели, поддржувачи, па на некој начин и публиката беше одбрана, дојдоа само тие што требаше. „Оттука извираат жилите на музиката и на рајот, на вечноста и на бескрајот“, со овие стихови на татко ми, познатиот македонски поет Михаил Ренџов, го почнав ова музичко патување на платото пред планинарскиот дом и црквата „Св. Андреа“. Вториот концерт на отворено се одржа во 2009 година, пред новоизградената црква „Рождество на пресвета Богородица“, покрај кејот на Вардар, во центарот на Скопје. Бидејќи го промовирав цедето „Темјаника“, сакав и амбиентот да дише со нашата традиција. Беше убава летна вечер, која како и сите мои концерти е забележана на видеоснимка. Мојата трета необична средба со публиката се случи лани на 11 мај, на врвот на Водно, на местото Крстовар, каде што го промовиравме албумот „Џезилка“. На почетокот имаше малку публика, мои пријатели, неколкумина планинари и бајкери, но нешто подоцна бројката порасна на околу 500 лица и сѐ се претвори во една необична, незаборавна забава – ни рече Петар Ренџов.
Минатата година во октомври се одржа уште еден концерт на необична локација. Младиот оперски тенор Нико Ѓорѓиевски својот раскошен талент го претстави во пештерата Врело, на Матка.
– Двата невообичаени концерти што лани во октомври ги одржа Нико Ѓоргиевски и за него и за публиката беа голем предизвик, исчекување и доживување. Присутните се симнаа десетици метри во пештерата Врело, каде што тој изведе едночасовен рецитал на оперски арии и духовна музика од ерата на барокот. Експериментирањето со простор и време, во креативна атмосфера е одлика само на големи концертни мајстори и посветени уметници, за каков се покажува и младиот Ѓоргиевски. Тоа беше концерт на кој зениците се шират – од возбуда и од желба со поглед да се опфати сиот тој импресивен и живописен амбиент, кој е навистина нешто посебно и за окото и увото. Впивајќи ги мелодиите на Ѓоргиевски, публиката не трепна до последниот миг, на громогласен аплауз и овации. На моменти чиниш е фантазија или сон, обвиткан со прекрасна музика. Спелео-концертот, како што е насловен, е веќе препознатлив знак и специјалност на Нико, од првото издание минатата година – ни пренесе дел од впечатоците новинарката Валентина Ѓоргиевска.
Во 2016 година на локацијата на мегалитската опсерваторија Кокино, на 21 август, се одржа целодневен мултимедијален фестивал „Кокино – тврдина на сонцето“, на кој настапија Кирил Џајковски, „Фолтин“ и Мухамед Ибраими. Целта на организаторот „Пасворд продукција“ беше едно поинакво афирмирање на мегалитската опсерваторија, која, според НАСА, се наоѓа на четвртото место на најстарите опсерватории во светот.
Концерти на необичен но затворен простор одржа и познатиот македонски музичар Влатко Стефановски, во рамките на проектот „Мала дневна музика“, кога настапи во затвор, болница, дом за возрасни лица…
– Многу чудни искуства беа тоа. Свиревме на неколку места. Во Болницата за душевни болести во Бардовци, во домот за стари лица, во „СОС-детското село“, во женското одделение во затворот „Идризово“. Знаете, има некои луѓе што се заборавени од општеството, од животот. Целта на тој проект беше ако веќе не можат да дојдат на концерт, концертот да дојде кај нив.Мене ми беше многу драго. Едноставно имав потреба да направам нешто и за тие луѓе, да споделам нешто со оние на кои ретко им се случува нешто убаво во животот – вели Стефановски за ова свое искуство.
Македонските музичари за место на кое ќе одржат концерт ги избираат и античките театри на Стоби и Хераклеја, Скупи, тврдината Кале во Скопје, Старата скопска чаршија, градскиот парк, градските трговски центри и секаде каде што сметаат дека со својата музика ќе допрат до публиката.