Холандската национална авиокомпанија „КЛМ“ упати необична порака кон своите клиенти – „Можеби не треба да бидете на тој лет“, пренесува „Кварц“.
Во отвореното писмо на извршниот директор Питер Елберс стои дека авиокомпанијата ги повикува корисниците на воздушниот сообраќај да донесат „одговорни одлуки за летањето“ и ги охрабрува клиентите да инвестираат во шемата на компанијата за неутрализирање на јаглеродниот диоксид.
– Сите ние сме заедно во ова. Напорно работиме за да ги поправиме работите, но сите вклучени страни треба да се соединат за да се создаде одржлива иднина. Сите кои имаат удел во авионската индустрија, сите корпорации во било која индустрија. И да, сите корисници на воздушниот сообраќај – се наведува во писмото.
Сето ова дел од новата кампања на „КЛМ“ – „Летај одговорно“, која вклучува интернет- страница со информации во врска со нејзината посветеност на одржливото гориво. Во кратко видео на клиентите им се поставуваат три прашања: Дали средбите секогаш мораат да бидат лице в лице? Дали наместо со авион, можете да патувате со воз? Дали можете да придонесете компензирајќи ги вашите емисии на јаглероден диоксид?
– Сите ние мораме да летаме од време на време, но следниот пат размислете за тоа да летате одговорно – велат од авиокомпанијата.
„КЛМ“ секако дека не планира да се откаже од бизнисот.
– Ова е наш бизнис и сакаме и понатаму да останеме вклучени во него. Ние се завземаме за да го забрзаме напредокот кон одрживата иднина, но ние сме компанија на која ѝ е потребно да прави профит за да опстои и продолжи да инвестира во одржливи решенија. Ние сакаме сѐ уште да постоиме кога ќе успееме во нашите напори да ја направиме авијацијата одржлива – се констатира во писмото на Елберс.
Некои холандски политичари веќе ја отфрлија кампањата како лажно залагање за подобрување на животната средина. За сега, авиокомпанијата единствено благо ги охрабрува клиентите да летаат помалку и нема преземно подрастични мерки.