Метанот е гас што ја загрева атмосферата 84 пати посилно од јаглерод диоксидот. Веќе одамна е познато дека пермафростот се топи во Сибир, но никогаш на поларниот континент. Поради иднината на животот на Земјата и човештвото, научниците се згрозени од откритието.
Научниците проценуваат дека на морското дно околу јужниот поларен континент се наоѓа дури една четвртина од сите подземни количества на метан во светот. Во студијата спроведена од тројца научници, а објавена во списанието „Ројал сосаети“, се открива не само првото поголемо протекување на метан на Антарктикот туку и дека со години откако почнало истекувањето околу изворот на метан на морското дно нема бактерии што би го проголтале тој метан и би го спречувале неговото навлегување во атмосферата.
– Тој недостиг од консумирање на метанот (од бактерии) е најважното откритие. Тоа не е добра вест. На микробите им биле потребни повеќе од пет години воопшто да се појават таму, па дури и тогаш метанот продолжи да истекува брзо од дното – вели во изјава за „Гардијан“ Ендру Турбер од Универзитетот во Орегон, кој работеше на истражувањето.
Истекувањето на метанот од морското дно во водите околу Антарктикот, како што се наведува во истражувањето, првпат го забележале нуркачи во 2011 година, и тоа случајно.
Тие успеаја да се вратат на истото место во Росово Море дури по пет години, за да можат детално да го проучат местото на истекувањето. Потоа следувал лабораторискиот дел од работата, а и најдраматичниот дел од откритието. Истекувањето на метан од морското дно, прво преку морската вода до површината, а потоа и понатаму во атмосферата, е дел од природните циклуси. Таквите испади, исто така, повремено се случуваат како резултат на подводно дупчење во потрага по нафта и гас, на пример во Северно Море, кое понекогаш достигнува размери на катастрофа. Меѓутоа, природна заштита во овие случаи се хемосинтетичките бактерии, кои енергијата за нивните животи ја црпат од молекулите на метанот.
– Заедницата на микроби не се развила доволно за да создаде доволен филтер да се спречи истекувањето на метанот од седиментите – се вели во резултатите на истражувањето.
Како причини за тоа се наведуваат многу ниската температура на морето и високата концентрација на сулфати. Причините за истекувањето на метанот, најверојатно, не се последици од веќе постојното глобално затоплување. Колку и да е драматична веста за новото големо протекување на метан, како уште еден голем забрзувач на климатските промени, важно е да се знае дека овој инцидент не спаѓа во спиралата на самогенерираните климатски промени.