Научниците од медицинскиот колеџ „Бејлор“ и од универзитетот „Принстон“ го направија најголемиот 3Д-дијаграм на мозокот на глушец, кој е многу сличен со човекот, со надеж дека ќе научат нешто за принципите на мозокот што би можеле да бидат корисни за развој на вештачката интелигенција.
Мапата на фотографијата ги прикажува структурите и врските на околу 200.000 мозочни клетки и речиси 500 милиони синапси, кои се скриени во еден кубен милиметар од мозокот на глушецот со големина на зрно песок.
Податоците се уникатни затоа што вклучуваат слики од моделите на активност предизвикани од различни комплексни визуелни стимули, од снимки на Јутјуб до холивудски филмови, за околу 75.000 мозочни клетки во истиот волумен на мозокот што се користеа за креирање на мапата за поврзување. Мапата и податоците сега се достапни за јавноста.
За да се создаде мапата биле потребни пет години, и тоа во три различни фази. Истражувачите се фокусирале на визуелниот енокортекс, област на мозокот клучна за визуелната перцепција. Истражувачите собрале податоци за мерење на типичната активност на мозокот на глувчето додека сѐ уште било живо во првата фаза и биле направени повеќе од 70.000 фотографии од активни мозочни клетки.
Потоа научниците отсекле мал дел од мозокот и го пресекле на повеќе од 25.000 ултратенки делови, а потоа направиле повеќе од 150 милиони фотографии со висока резолуција, користејќи електронски микроскоп.
Истражувањето е дел од програмата „Машинска интелигенција“ на „Кортикал нетворкс“, чија цел е да ги подобри алгоритмите за машинско учење и вештачката интелигенција преку реверзибилно инженерство на церебралниот кортекс, кој е одговорен за повеќе функции кај цицачите, како што се планирање и расудување.
Мапата ќе биде непроценлива за невролозите што бараат да откријат како мозокот ги обработува информациите заедно со неокортикалните кола, како и за истражувачите што се обидуваат да откријат како да се третираат мозочните заболувања што вклучуваат погрешни врски или конекција.