Пиратската република била заснована врз т.н. пиратски закон или пиратски кодекс. Според споменатиот кодекс, управувањето имало демократски дух бидејќи водачите биле избирани со гласање од страна на пиратите, односно власта и моќта на капетаните била ограничена

Занимливости

Во 1696 година, пиратскиот капетан Хенри Еври со својот брод „Фенси“ пристигнал на бреговите на карипскиот остров Њу Провиденс. Набргу потоа капетанот и неговиот екипаж се истовариле во Насау, главниот град и пристаниште на островот. Нивното пристигнување не било случајно, капетан Хенри Еври и неговите пирати со себе носеле богатство во вредност од околу 500.000 фунти, богатство што било запленето од неколку брода, вклучувајќи го и царскиот индиски брод „Фатех Мухамед“. Всушност, капетанот и неговата придружба барале засолниште и го избрале Насау, бидејќи англиската власт во овој град и во Њу Провиденс била ограничена и слаба. Хенри Еври ја искористил оваа ситуација и го поткупил гувернерот на бахамскиот остров. Со овој чин, биле поставени темелите на пиратската република.
Слабата власт и корумпираноста на службениците привлекле голем број пирати што се засолниле во Насау. Постепено градот и островот Њу Провиденс се претвориле во една од главните пиратски бази на Карибите. Властите се обиделе да се спротивстават на засиленото пиратско влијание, но сите обиди биле неуспешни, бидејќи пиратите станувале сѐ побогати и помоќни благодарение на пиратските грабежи, како и на трговијата со запленета стока.
Пиратската власт се засилила по нападите на Насау во 1703 и 1706 година од страна на шпанско-француските флоти во текот на Војната за шпанското наследство. Следствено, по овие напади, англиската власт на островот целосно пропаднала, а вакуумот што настанал набргу бил пополнет од пиратите. Насау имал околу 100 жители, а набргу од сите страни на светот почнале да пристигнуваат пирати, чија бројка се искачила до 1.000 луѓе. Бројноста им овозможила на пиратските капетани да воспостават контрола над градот и островот. Во 1713 година, пиратските водачи Бенџамин Хорниголд и Томас Бароу се именувале себеси за гувернери, со што официјално почнало егзистирањето на пиратската република.

На Хорниголд му се придружиле голем број пирати, а под негово менторство биле Едвард Тич-Црнобрадиот, Чарлс Вејн, Џек Ракман, жените пирати Мери Рид и Ен Бони, како и многу други. Постепено настанала борба за превласт помеѓу пиратските водачи, а во оваа борба победил злогласниот Едвард Тич, кога од страна на пиратите бил избран за судија и командант на републиката. Црнобрадиот требало да ги одржува редот и законот како што тој сметал дека треба.
Пиратската република била заснована врз т.н. пиратски закон или пиратски кодекс. Според споменатиот кодекс, управувањето имало демократски дух, бидејќи водачите биле избирани со гласање од страна на пиратите, односно власта и моќта на капетаните биле ограничени. Меѓу пиратите во Насау имало луѓе од различна етничка и религиозна припадност. Во градот можело да се сретнат Англичани, Шкотланѓани, Ирци, Африканци, како и луѓе со мешано европско и африканско потекло.
Во текот на 11 години, пиратите од Насау со своите активности предизвикале хаос во трговијата и превозот во Карипско Море. Оваа состојба ги принудила англиските власти да преземат конкретни мерки. Во 1718 година англискиот гувернер Роџерс пристигнал во Насау со флота од седум брода, а меѓу другото со себе носел и кралско помилување за сите пирати што ќе се предадат и откажат од своите нелегални активности.

Меѓу оние што ја прифатиле оваа понуда бил и легендарниот пиратски капетан Хорниголд. Набргу Хорниголд стапил во англиската служба, со задача да ги гони и зароби сите пирати што ќе го одбијат помилувањето.
Црнобрадиот и Чарлс Вејн одбиле да им се потчинат на властите и успеале безбедно да го напуштат островот Њу Провиденс, меѓутоа многумина немале таква среќа. Хорниголд успеал да зароби десетина пирати, кои во декември 1718 година биле погубени. Со бесењето на заробените пирати се воспоставила англиската контрола над островот, со што ѝ се ставил крај на пиратската република.


Веселиот Роџер – пиратско знаме

Веселиот Роџер е традиционално име за пиратските знамиња во почетокот на 17 век. Главна карактеристика на пиратското знаме е череп на црна основа, што било користено од голем број пиратски капетани во првата деценија на 17 век. Употребата на името Веселиот Роџер првпат се сретнува во „Општата историја на Пиратите“, објавена во 1724 година.