На јапонскиот милијардер Јусаку Маезава, кој потроши десетици милиони долари за туристичкото вселенско патување до Меѓународната вселенска станица (ИСС), не му е грижа што неговата авантура е достапна само за супербогатите, пренесува „Фјучуризм“.
Во интервју за „Асошиејтед прес“ направено во текот на неговиот „одмор“ на (ИСС) вреден 80 милиони долари, Маезава кој го стекна богатството преку модниот свет, истакна дека „оние што го критикуваат, веројатно се истите кои никогаш не биле во вселената“.
– Да, ова е скапо, но не станува збор само за парите. Потребно е време за вашето тело да се навикне на оваа средина и тренингот за вонредни ситуации трае барем неколку месеци. Искрено, тоа е достапно само за оние кои имаат време и се физички подготвени, како и за они што можат да си го дозволат – објаснува Маезава.
Јапонскиот милијардер додаде оти не знае кога вселенските патувања ќе станат широко достапни.
– Не знаеме дали тоа ќе биде случајот во следните 10 или 20 години – смета Маезава.
Со богатство проценето на речиси две милијарди долари, Маезава и неговиот помошник Јозо Хирано, минатата недела испишаа историја, кога станаа првите вселенски туристи што стапиле на ИСС уште од 2009 година. Нивниот 12-дневен престој уследи по кампањата на Маезава за одење во вселената која привлече големо внимание. Милијардерот се пожали на морска болест и потешкотии при спиењето за време на престојот во ИСС, но истакна дека се привикнува на условите, со што веќе може да ужива во патувањето.
„Асошиејтед прес“ наведува дека Маезава спаѓа во 0,00000000001 проценти од светското население кое може да си ги дозволи вселенските патувања. Тој претходно тврдеше дека ќе подари дел од богатството, но уште нема информации за начинот на кој намерува да го стори тоа.
– Се враќам на 20 декември и веќе почнува да ми недостига Јапонија. Кога ќе се вратам, сакам да јадам суши – порача Маезава.