Со семинарот за изучување изворни инструменти и песни, кој се одржува деновиве, започна годинашното 45-то издание на фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Свеченото отворање на фестивалот е вечерва, од 20 часот, на плоштадот „Александрија“. Претходно, од 19 часот, низ прилепските улици ќе се одржи дефилето на учесниците. Пред вљубениците на изворниот мелос ќе се претстават дел од учесниците, а според најавите на организаторот, на фестивалот ќе учествуваат околу 350 изведувачи на изворните инструменти – гајдата, кавалот, тапанот и на изворните песни од цела Македонија и учесници од Бугарија.
В сабота, од 11 часот, ќе се одржи симпозиум со еминентни научни работници на тема „Фолклорот во минатото и денес“. Наедно, ќе биде промовиран и Зборникот на трудови на етнолози и научни работници за изворниот мелос.
Вечерта, од 19 часот, на Рудина кај Долнени е втората фестивалска вечер, каде што ќе настапи преостанатиот дел од учесниците на ова издание на фестивалот. На крајот ќе бидат прогласени најдобрите и ќе биде врачена наградата за најдобар гајдаџија, „Гајдата на Пеце Атанасовски“, која ја доделува општината Долнени.
Улогата на фестивалот е да го зачува, да го негува и да ја поттикне љубовта кај новите генерации за богатиот изворен македонски мелос, дел од богатото фолклорно културно наследство на Македонија, велат од фестивалот, чии почетоци датираат уште од 1974 година. Фестивалот „Пеце Атанасоски“ како единствен од ваков вид во земјата и на Балканот се грижи за зачувување на изворниот македонски фолклор и свирењето традиционални народни инструменти.