Марјан Стојаноски, скулптор
Академскиот скулптор Марјан Стојаноски, најпрво во Прилеп, па потоа во Кичево, се претставува пред македонската ликовна јавност со изложба на дела од метал, во рамките на циклусот „Феникс 2“. Изложбата по многу нешта е интересна и авангардна и е продолжение на неговиот претходен циклус „Феникс“. Со овој нов циклус целта му била да го продолжи своето творештво во следна етапа.
– Преку изложбата повеќе навлегувам во самата форма и завршна реализација, за тоа како би изгледало делото во отворен простор, каде што самите решенија на делата би комуницирале со публиката. Не гледаат исто сите очи, односно секој различно ја толкува целата приказна околу „Фениксот“, па конкретно и тоа ми беше идејата, секој да се пронајде според сопствените емоции и размислувања за делата – вели скулпторот Стојаноски.
Делата се работени во метал, три се ротирачки, што е реткост на овие простори, три се статични.
– Металот како материјал ми е некако најблизок и најинтересен за обликување. Наедно е материјал што е многу тежок за обработка, иако тоа не е единствениот материјал во кој творам. Интересно беше за мене дел од делата да ги создадам да бидат ротирачки. Тоа за мене беше голем предизвик. Додека ги создавав, се сретнав со една нова проблематика, како да се дојде до решението самата форма да ротира, имајќи предвид дека станува збор за скулптури од метал, материјал што е доста тежок. Сакам делата да бидат поставени во монументални димензии, на отворен простор, со што би се облагородил дел од градот, каде што делата секојдневно би биле во контакт со луѓето. Мојот роден град Прилеп има многу нешта да покаже на ликовната сцена. Ние сме креативци, луѓе со идеи и неуморна смисла за хумор. Централниот дел и периферијата околу градот се доста интересни за поставување скулптури во монументална големина, притоа не изземајќи го фактот дека Прилеп е единствен град што има постојана поставка на галерија на отворено – посочува уметникот.
Негова желба е градот да продолжи со негување на ликовната уметност, со што би се придонело граѓаните да живеат во подобар и поквалитетен простор, каде што ќе има повеќе култура, а помалку политика.