Хоби, храна, секс, вежбање, работа… Кое задоволство создава поголемо уживање? Кршењето на копјата го поттикна написот „Зависниците од задоволство се секаде наоколу“, објавен неодамна во стручното списание „Записи од Кралското друштво: биологија“ од страна на Џулија Кристенсен, научничка од областа на неврологијата на Универзитетот во Лондон
Избувна војната за задоволствa. Психолозите, невролозите и невронаучниците формираат лути спротивставени коалиции околу прашањето дали задоволството што го добиваме од колачите, риболовот или од вежбањето на пример, се разликува од задоволството што ни го нудат сексот, уметноста или воопшто која било работа што нѐ исполнува и нѐ прави среќни.
Кршењето на копјата го поттикна написот „Зависниците од задоволство се секаде наоколу“, објавен неодамна во стручното списание „Записи од Кралското друштво: биологија“ од страна на Џулија Кристенсен, научничка од областа на неврологијата од Универзитетот во Лондон. Во написот таа наведува дека многумина од нас се претворени во „безумни зависници од задоволство, кои ја предаваат својата слободна волја во замена за следниот фикс од допамин“, кој ни го даваат социјалните медиуми, порнографијата или шеќерот.
Во таа смисла, поаѓајќи од нејзините согледувања од направените истражувања, како резултат таа нуди невообичаено и неконвенционално решение. Имено, уметноста, која, како што вели таа, во нас ги ангажира сите овие чувства на добро расположение, може како самостојно задоволство (од уживање во уметноста) да ги трансформира штетните последици од дисфункционалните желби и потреби.
Маркос Надал, психолог од Универзитетот на Балеарските Острови и Мартик Сков, невронаучник од данскиот Истражувачки центар за магнетна резонанца, пак, напишаа контратекст објавен во истото списание во март, во кој наведуваат дека постојат „низа докази што покажуваат дека задоволството што го добиваме од уметноста, според потеклото и функцијата не се разликува од задоволството што ни го даваат храната, дрогите и сексот“.
Нивниот коментар ги поттикна другите да застанат во одбрана на д-р Кристенсен. „Дали мислите дека задоволството е еднакво на коцка шеќер на вашиот јазик“, напиша на социјалната мрежа Твитер д-р Анјан Чатерџи, невролог од универзитетот „Пенсилванија“.
Оваа дебата фрла светло и на други несогласувања на полето на невроестетиката, која се занимава со невролошките процеси што ни овозможуваат да се одушевуваме и да создаваме убави предмети.
Тимот број 1 смета дека задоволството што ни го дава уметноста, всушност, е невролошки еднакво со задоволството од колачите и од сексот.
Тимот број 2 верува дека создавањето и почитувањето на уметноста ни нудат уникатни невробиолошки награди.
Д-р Надал, кој настапува во името на тимот број 1, вели дека „луѓето користат само еден систем на задоволство за да проценат колку се задоволителни или непријатни сензорните искуства“. Ова, според него, покажува дека иако уживањето во грисините и уживањето во скулптурата имаат различен механизам на дејство, во нашиот мозок овие задоволства се процесираат на ист начин.
Д-р Кристенсен не порекнува дека еден систем ги процесира сите задоволства. Сепак, не сака да ја елиминира можноста уметноста да активира и дополнителни невролошки системи „поврзани со процесот на меморија, чувството за лично самоспознавање и процесот на сфаќање, кои дополнително придонесуваат за задоволство“.
А со оглед на фактот дека животот ни поминува во потрага по задоволства, вели таа, тогаш зошто да не се обидеме подобро да ги разбереме оние ретките „што не вклучуваат во себе состојба на копнеж без исполнување“ или, пак, создаваат здравствени проблеми, кои ве тераат поинаку да ги замислувате и правите работите.
Сето ова може да ве поттикне да се запрашате, ако задоволствата се толку слични, зошто луѓето не доживуваат оргазам од храната или од уметноста. Всушност, вели Дебра Хербеник од Центарот за промоција на сексуалното здравје на Универзитетот во Индијана, некои луѓе пријавија дека доживеале оргазам откако јаделе зрел патлиџан, додека газеле боси по дрвен под, па дури и додека ги вежбале грбните мускули.
Во секој случај, потрагата по животни задоволства што би нѐ правеле среќни, ведри и расположени интензивно продолжува. Додека ние тоа кај нас во Македонија го правиме индивидуално, секој по своите убедувања и предизвикани чувства, во светот се прават сериозни истражувања и во овие навидум споредни сфери на живеењето.
Ние, пак, заглавени во дневната политика и егзистенцијалните проблеми од нашето секојдневие, веќе заборавивме што значи насмевка, здрав хумор, забава, разонода или едноставно уживање во нештата што нѐ прават задоволни. Лично задоволни, задоволни во семејството, пријателите и воопшто, сите околу нас. Токму тоа задоволство нуди гаранции за поквалитетен и поздрав живот, кој, пак, единствено носи напредок и просперитет.
Вака, ни останува да јадеме почесто зрели патлиџани или да чекориме сѐ почесто боси, како што вели Дебра Хербеник од Универзитетот во Индијана, за да доживееме малку посилно задоволство… Или тоа треба да го прават нашите ценети политичари и носители на високи државни функции за да донесуваат одлуки за задоволство и во интерес на граѓаните? З.Р.