„Александар Меквин“ и „Баленсијага“ се приклучија на растечката листа на модни куќи што одлучија да престанат да користат крзно. Двете компании се дел од групацијата „Керинг“ и неодамна ги објавија своите одлуки на дискретен начин, во годишните извештаи.
Дизајнерот на „Баленсијага“, Демна Гвасалија, не користи крзно во своите колекции од 2015 година, но ова е првпат компанијата да објави јавно соопштение за ова.
Од групацијата „Керинг“ изјавија дека повеќето од нивните брендови не користат крзно, вклучувајќи ги „Гучи“ и „Ботега Венета“. „Сен Лоран“ и „Бриони“ се единствените брендови на „Керинг“ што сè уште не објавија прекин на употребата на крзно, пренесува „Харперс базар“.
Овој потег претставува препознавање на променливиот вкус на клиентите и усвојување на повеќе општествено одговорни практики. Други компании, како „Прада“, „Версаче“, „Армани“, „Барбери“ и „Шанел“, исто така се определија за алтернатива во која нема да се применува суровоста кон животните. Ова вклучува не само крзно туку и егзотична кожа, па дури и свила.
Според извештајот на изменетата платформа за 2019 година, само во тој период, побарувачката за вегански алтернативи се зголемила за 258 проценти во САД и во Велика Британија.
Иако одбивањето на употребата на крзното е добар напредок кога станува збор за правата на животните, од друга страна вештачкото крзно исто така може да претставува закана за животната средина бидејќи често се прави од синтетички ткаенини на база на нафта и потребни се стотици илјади години за да се распадне. Затоа многу брендови инвестираат во иновативни биоразградливи опции, вклучувајќи го и „Керинг“, кој неодамна инвестираше во „Мајло“, компанија што развива вештачка кожа базирана на габи.