Најпознатите филмски цитати
Од појавата на филмот „Однесено од виорот“ и легендарната реплика на Скарлет О’Хара (Вивиен Ли): „На тоа ќе мислам утре“, филмските цитати станаа незаобиколен дел на филмскиот вокабулар. Во поново време, нема кој не ги знае репликите „Ќе се вратам“ (I’ll Be Back), со која се закани Арнолд Шварценегер, на крајот на „Терминатор“, и „Ми зборуваш мене?!“ (Are You Talkin’ To Me?!), што ја изговори Роберт де Ниро (Тревис Бискл) во филмот „Таксист“, кои ќе останат запаметени како едни од најпознатите филмски цитати.
Познато е дека филмовите влијаат на обликувањето на гледачите на разни начини, а еден од нив е всадувањето на репликата или дијалогот во секојдневниот говор, односно во колективното паметење. Некои ги паметиме бидејќи донесуваат паметна, филозофска мисла, некои се досетливи, други забавни. Како и да е, цитатите стана незаобиколен дел од кинематографијата, па Американскиот институт на одбележувањето на стогодишнината на американскиот филм, заедно со други избори, донесе и листа од стотина најдобри филмски цитати. Американските филмови поради својата популарност создадоа најголем број популарни реплики или фрази, кои станаа дел од секојдневниот говор, но секоја земја и регион исто така имаат свои локални хитови.
Мисли од големиот екран што се паметат
Прочитајте некои од најпопуларните реченици од филмовите со кои растеа повеќе генерации.
„Изгуби се, разубави ми го денот“ (Go ahead. Make my day), на валканиот Хари, а за последен пат ја овековечи Борат во еден од филмовите.
„Отсвири го тоа повторно, Сем“ вели Хемфри Богарт во „Казабланка“, каде што глумеше и Ингрид Бергман. Позната реченица од тој филм е „Луис, мислам дека ова е почеток на едно прекрасно пријателство“.
Припростиот Форест Гамп (Том Хенкс), во истоимениот филм, својот неверојатен животен пат го опиша во реченицата „Мајка ми велеше дека животот е како кутија со чоколади, никогаш не знаеш што ќе добиеш“.
Серијалот „Војна на ѕвездите“ го обележи реченицата „Силата нека биде со тебе“.
Секако, филмот „Некои тоа го сакаат жешко“ ќе остане запаметен по цитатот „Никој не е совршен“ што ја изговара Осгуд Филдин Трети (Џое Браун), а култниот „Дипломец“ ќе го обележи репликата „Госпоѓо Робинсон се обидувате да ме заведете или не“, што ја кажува Дастин Хофман, кој го глуми главниот лик Бенџамин Бредок.
Еден од најдобрите филмови на сите времиња, „Кум“, ќе го паметиме и по реченицата „Ќе му дадам понуда што нема да може да ја одбие“, што ја изговара Вито Корлеоне (Марлон Брандо).
Секако тука е реченицата „Хјустон имаме проблем“ што ја кажува Џим Ловел (Том Хенск) во филмот „Аполо 13“ и „Јас сум крал на светот“ на Џек Даусон (Леонардо ди Каприо) во „Титаник“.
Познати реченици од балканските филмови
Нема кој не ги гледал култните филмови „Маратонците го трчаат почесниот круг“, каде што е изговорена репликата „Лаки е малку нервозен“ и „Кој тоа таму пее“, кој изобилува со познати цитати, меѓу кои се „Вози Мишко“ и „И тато би синко“. Реченицата „Преку вода до слобода“ е изговорена во филмскиот спектакл „Битката на Неретва“, а „Секој ден во секој поглед сѐ повеќе и повеќе напредувам“ во филмот „Се сеќаваш ли на Доли Бел“. Често се употребува и цитатот на „И јас сакав да бидам капетан на бела лаѓа“ од комедијата „Тесна кожа“.
„Морално беше Пиги“ од „Среќна нова ’49“
Иако не е многу обемна, и во македонската кинематографија има многу цитати од филмови што се паметат со години и станаа дел од нашето секојдневие.
Прочитајте некои од нив.
„Морално беше Пиги“ и „Узми цефку и работи “ од „Среќна нова ’49“, „Ќе те носам во Дестан на ќебапчиња, да се осеќаш како кинеска кралица“ („Самоуништување“), „Пукај бе братучед, пукај“ („Пред дождот), „Сите ќе умрете, некои после, некои сега, никој не живее вечно… Знам, сега ми кажа директорот“, („Викенд на мртовци“), „Како ќе живееш ти без мене?“ („Сенки“), „Бекни бе, ќе ми снема лента“ („Тетовирање“), „Е*ати животот ако не си спремен да умреш за него“ („До балчак“), „Не сакам да бидам пеперутка со подгорени крилја“ („Исправи се Делфина“)…
Сепак еден од најубавите цитати е благословот на Манданата (Петре Прличко) во филмот „Мис Стон“, кој на новороденото дете на Катерина му посака добредојде со зборовите:
„Ај да ми бидеш живо и здраво детуле. Да пораснеш големо. На лице бело и црвено како тетовско јаболко, на снага – вита ела пиринска. Грло бисер да ти рони. Гласот да ти биде како на славејче…“.