Чудни нешта се случуваат кога радијацијата ќе допре до ледената површина на една од месечините на Јупитер

Авторка: Марина Корен

Атлантик

На прв поглед не изненадува фактот што нашата Месечина свети во темница, со тоа што го рефлектира светлото од Сонцето. Јупитер е подалечна планета од Земјата, но нашата ѕвезда сепак ја осветлува планетата и многу други месечини, како јупитеровата Европа. Но месечината Европа е поинаква од другите. Според едно ново истражување, Европа може да свети дури и од темната страна, на начин што оддава мистериозен сјај без помошта на Сонцето. Сјајот потекнува од посебната природа на космичкиот дом на Европа. Магнетното поле на Јупитер е најсилно од сите други планети во сончевиот систем, а радијацијата во рамки на неговите граници е повеќе милиони пати посилна од радијацијата во близина на Земјата. Високоенергетските честички постојано ја бомбардираат Европа која е малку помала од нашата Месечина и има поретка атмосфера. Кога тие честички ќе паднат на ледената површина на месечината, тогаш чудната хемиска реакција може да направи таа да сјае во темница.

Ова не е дефинитивно потврдено, затоа што научниците не го набљудуваа мистериозното светло на самата Европа, туку на Земјата во лабораториски услови, во кои се симулираше средината околу далечната месечина. Мурти Гудипати, научник во лабораторијата за реактивен погон на НАСА и неговиот тим создадоа минијатурни верзии на ледената површина на Европа врз основа на досегашните сознанија од астрономијата за нејзиниот состав и потоа ги бомбардираа со електронски зраци. Симулираната површина почна да сјае кога беше изложена на радијацијата. Научниците сега во наредната деценија ќе добијат шанса да имаат директен увид во ова. НАСА во моментов развива роботска мисија до Европа наречена „клипер“ која треба да биде лансирана во средината на наредната деценија. „Клипер“ има цел да орбитира околу Јупитер, но исто така ќе изврши десетици блиски минувања крај ледената месечина, со тоа што секоја нова траекторија ќе се менува за да испита нова, замрзната површина.

Европа е една од најмистериозните месечини во Сончевиот систем. Површината е толку студена што мразот е цврст како бетон. Набљудувањата на вселенските летала и копнените телескопи покажуваат дека теренот е посипан со хемиски соединенија како содиум хлорид и магнезиум сулфат. На Земјата ни се познати како готварска и неорганска сол. Синтија Филипс, која е планетарен геолог во лабораторијата за реактивен погон на НАСА, работи на мисијата „Клипер“ и не беше вклучена во ова истражување, опиша дека површината на Европа потсетува на смрзната вода, „малку солена, но добра за во маргарита“. Солите што се наоѓаат на површината на Европа се најважен елемент во неверојатниот сјај.

Сјајот не претставува само убава глетка, туку може да им помогне на научниците да откријат што се крие под ледената површина на Европа. Откако мисиите „војаџер“ првпат минаа во близина на Европа во 1970-тите години, научниците веруваа дека месечината има топол, солен океан кој се загрева од внатрешната топлина поттикната од Јупитер. Додека Европа се движи по својата елипсовидна орбита, гравитацијата на Јупитер ја зафаќа и ја привлекува целата месечина што предизвикува топлина која ја одржува течната состојба на океанот. Денес, научниците се сомневаат дека во солениот океан на Европа може да се одржат микробни форми на живот. Детекцијата на мистериозниот сјај на Европа може да помогне во препознавањето на солите што ги создава, кои би можеле да им дадат информации на научниците што се случува во тамошниот подводен свет. Не може да има живот на површината на Европа, затоа што истата таа радијација што го создава сјајот всушност ги убива сите животни форми.

Превод: Билјана Здравковска