Ова е прва плоча на еден поголем бенд од Македонија што во целост е снимена на македонски јазик
На интернет-страницата Харвајард, музички магазин со став, неодамна беше објавена листа на десет албуми од некогашна Југославија што годинава наполнија 30 години.
– Ние направивме листа од 10-те најзначајни изданија што излегоа во 1988 година и што се цели три децении присутни во дискографијата на овие простори. И додека „Бјело дугме“ во тоа време го славеше „Ѓурѓовден“, некаде зад сцената се случуваше и вистинската рок-музика. Како и секој избор, и овој можеби има личен печат, но сигурен сум дека листата што ја направивме е онаа вистинската – вели авторот на овој избор Марко Ристиќ.
За македонската рок-публика е интересно дека меѓу селектираните десет рок-албуми издадени пред 30 години во бивша Југославија се најде и албумот на групата „Мизар“, кој го носи истото име, во издание на „Хелидон“.
– Албумот „Мизар“ е одличен на повеќе нивоа. Една од причините е тоа што ова е прва плоча на еден поголем бенд што во целост е снимена на македонски јазик, а исто така донесе одлична доза мистичност, која го следи овој состав до денес. Исто така, ова е една од првите готик рок/дарквејв плочи што се појавија на просторот на некогашна Југославија, па и само по тоа е заслужна да се најде на оваа листа. Првиот поголем успех бендот го доживеа една година порано, кога на Младинскиот фестивал во Суботица го подели првото место со КУД „Идиоти“, „Град“, „Тужне уши“ и „Индуст“.
Албумот е снимен во состав: Зоран Спасовски, тапани, Горан Трајковски, бас, Катерина Вељановска, клавијатури, Борис Георгиев, тапани, и Сашо Крстевски, бас. Освен авторските песни, членовите на „Мизар“ на овој албум снимија и обработка за песната „Зајди, зајди“, која во новата верзија има наслов „Златно сонце“. За обвивка на плочата тие одбраа цртеж на Алберт Дирер – напиша Марко Ристиќ.
Другите албуми на овој список се: „Партибрејкерс“ – „Partibrejkers 2“ („Југофиск“), „Хаустор“ – „Тајни град“(„Југотон“), „Психомодо поп“ – „Година змаја“ („Југотон“), „Боје“ – „Доста, доста, доста! (ПГП – РТБ), „Рибља чорба“ – „Прича о љубави обично угњави“ (ПГП – РТБ), „Електрични оргазам“ – „Летим, сањам, дишем“ (ПГП – РТБ), „Мајке“ – „Слушај најгласније“, Рамбо Амадеус – „О туго јесења“ (ПГП – РТБ), „Фит“ – „Уз ријеку“ (ПГП – РТБ) и Бајага и инструктори – „Продавница тајни“ (ПГП – РТБ).