Дали имате чувство дека годишниот одмор ви завршил уште пред да започне? Постои ментален трик што може да го направи вашиот одмор подолг.
Го знаете она непријатно чувство – годишниот одмор не може да дојде доволно брзо, но кога конечно ќе започне, чувствувате како многу брзо да завршил?! Ако е така, вие не сте единствени. Во најновото истражување, спроведено од Габриела Тонието, Сем Маглио, Ерик Ванепс и Селин Малкок, беше откриено дека околу половина од испитаните лица имаат чувство дека нивното претстојно патување за викенд ќе заврши пред воопшто да започне, пишува „Сајенс алерт“.
Токму ова чувство може да го промени начинот на кој се планира патувањето. На пример, можете поретко да закажувате дополнителни активности. Во исто време, може да се почестите со скапа вечера, бидејќи сакате да го искористите она малку време што мислите дека го имате.
Кога луѓето со нетрпение очекуваат нешто, тие обично сакаат тоа да се случи што е можно поскоро и да трае што е можно подолго. Ефектот на овој начин на размислување е истражен во контекст на американскиот Ден на благодарноста.
Така, научниците во понеделникот пред Денот на благодарноста во 2019 година анкетирале 510 луѓе и ги замолиле да им кажат дали со нетрпение го очекуваат празникот. Ги прашале колку им се чини далеку и колку мислат дека ќе траат празниците. Како што се сомневале, колку повеќе учесниците ги очекувале своите прослави на Денот на благодарноста,толку им се чинело дека ќе траат пократко. Иронично, копнежот по нешто се чини дека го намалува неговото времетраење. Повеќето луѓе веруваат во изреката „времето лета кога се забавуваш“, а истражувањето навистина покажало дека кога времето минува брзо, луѓето претпоставуваат дека одморот бил интересен и пријатен. Како резултат на тоа, луѓето имаат тенденција рефлексно да претпостават дека забавен настан, како одмор, ќе помине многу брзо.