Kафе на празен желудник не е здрава навика
Едно неодамнешно британско истражување покажа дека пиењето кафе на празен желудник може негативно да влијае на контролата на шеќерот во крвта и да го намали за 50 отсто. Стручњаците препорачуваат оваа топла напивка да не се консумира пред појадокот. На секое тело наутро му е потребно време да се придвижи и токму поради тоа кафето на празен желудник не е пожелно, доколку нивото на шеќерот во крвта сакаме да го одржиме на сигурно ниво, а исто така и за да го намалиме ризикот од болести на срцето или од дијабетес.
Истражувачите од британскиот универзитет „Бет“ веруваат дека овие нови информации за кафето би можеле да имаат далекосежни здравствени импликации. Научниците, исто така, од овие испитувања сакале да дознаат како лошиот сон и утринското кафе влијаат на метаболизмот. Биле опфатени 29 мажи и исто толку жени, објави весникот „Мирор“.
– Заклучено е дека контролата на нивото на шеќерот во крвта е намалена наутро доколку прво се напиеме кафе на празен желудник, особено ако претходно не сме спиеле добро. Тоа ќе го спречите така што прво ќе појадувате, па дури потоа ќе се напиете кафе – вели професорот Џемс Бетс од универзитетот „Бет“.