Медитацијата постои откако постои светот и е составен дел на сите религии и култури. Има благотворно дејство на умот и на телото и ни овозможува да ја прошириме нашата перцепција и подобро да дејствуваме во секојдневниот живот. Низ медитацијата спонтано се развива чувството на припадност и поврзаност со целото битие, при што природно растат свеста, сочувството и љубовта. Помага за елиминирање на стресот, лошите мисли и негативната енергија. Научно е докажано дека медитацијата ја јакне психата, го подобрува здравјето на невроните и ги зголемува интелигенцијата и среќата. Со секојдневна медитација значително може да се подобри квалитетот на нашиот живот. Според истражувањата, денес луѓето, свесно или несвесно, секојдневно практикуваат барем некаков облик на медитација.

Инаку, медитацијата не е само вежба или техника на дишење и нема врска со хипноза или магија, тоа е техника на самоспознавање и проширување на свеста, со која се постигнува хармонија на телото, духот и емоциите, и така се развиваат личноста, среќата и здравјето. Секоја медитација ги буди внатрешната свест, тишината и безграничниот мир. Медитацијата треба да ја разбереме како наука за духот и како универзален лек за секој човек. Сите нѐ мачат истите проблеми: депресија, лутина, љубомора, омраза, завист, неможноста да ги оствариме своите желби… Медитацијата е универзален лек што помага да ги решиме овие проблеми или барем да ги намалиме.
Медитацијата е ефикасна заштита и од стрес. На сите ни е познат зборот стрес, кој е причинител на околу 75 отсто болести и 50 отсто смртни случаи. Прекумерната изложеност на стрес му штети на хипоталамусот и ги оптоварува нервниот, ендокриниот и циркулаторниот систем. Доаѓа до нарушување на движењата, се намалува можноста за регенерација, се зголемува процентот на масти околу стомакот.

Стресот го нарушува функционирањето на тироидната жлезда и доведува до згрутчувања во крвта, па со тоа го зголемува ризикот од срцев удар. Секоја промена во нашите животи, без разлика дали на добро или лошо, може да предизвика стрес во психосоматскиот систем. Медитацијата е бавен и постепен процес, кој ни овозможува да станеме свесни за можностите што се во нас. Медитацијата смирува, дава чувство на задоволство, ја поттикнува креативноста и ја зголемува способноста за приспособување и прифаќање на нештата. Таа е и најдобриот начин да му се спротивставиме на секојдневниот стрес. Иако најважното се случува на суптилни нивоа, кои не можеме да ги видиме, научниците успеале во изминатите дваесет години да го докажат влијанието на медитацијата врз физиологијата и психологијата на човекот и неговата околина.


Влијанието на медитацијата врз
здравјето и човечката психологија

Ги намалува анксиозноста и стресот.
Ги ублажува хроничните болки.
Ја лекува несоницата.
Ги опушта стомачните мускули.
Ги зајакнува ендокриниот и нервниот систем.
Го подобрува разложувањето на мочната киселина.
Поттикнува младоликост и здравје.
Го подмладува мозокот и друго.
Ја гради личноста и го проширува интелектуалниот потенцијал.
Ги ја зголемува интелигенцијата, креативноста и концентрацијата.
Ја зајакнува самодовербата.
Ја развива личноста и помага да се ослободиме од лошите навики.

Калина С. Андонова