Меган Маркл носела обетки кои ги добила на подарок од саудискиот принц Мохамед бин Салман три недели по убиството на новинарот Џамал Кашоги, игнорирајќи ги советите од кралските советници, пренесуваат медиумите.
Таа ги добила обетките „Бутани“ како официјален венчален подарок за од саудиското кралско семејство. Маркл ги носела обетките на свечена вечера во Фиџи во октомври 2018 година, за време на кралската турнеја.Тогаш на медиумите им било кажано дека биле „позајмени“, но невообичаено не биле понудени дополнителни информации.
Вечерата се одржа три недели откако новинарот на „Вашингтон Пост“ Кашоги беше убиен во саудискиот конзулат во Истанбул.
Адвокатите на војвотката инсистираа дека Маркл тогаш не била информирана за шпекулациите оти принцот Салман е вмешан во убиството на новинарот. Неименуван извор тврди дека вработените во кралската палата ја советувале војвотката да не ги носи обетките.
Тие биле предадени како свадбен подарок од принцот кога тој имал официјална средба со кралицата Елизабета Втора за време на тридневната посета на Лондон во март 2018 година. Обетките биле дел од многуте свадбени подароци кои биле пренесени во палатата Кенсингтон во јуни, еден месец по венчавката, кога Меган Маркл првпат дознала за нив.
Извор близок до војвотката изјави дека членовите на нејзиниот персонал биле свесни оти обетките се избрани како дел од гардеробата запатувања на војвотката.
Три дена пред вечерата во Фиџи, на 20 октомври, Саудиска Арабија преку соопштение потврди дека нејзини официјални лица се одговорни за смртта на Кашоги.
Вработените во Лондон биле загрижени кога ги виделе обетките на војвотката во медиумите и ја предупредиле Маркл, пренесува весникот „Тајмс“. Следниот месец таа повторно ги носела на 70-от роденден на принцот од Велс во Бакингемската палата.
Адвокатите на Меган Маркл и принцот Хари негираат дека тие биле испрашувани за потеклото на обетките, кое е добро познато.