Македонската е-спорт екипа покажа одлични резултати на Европскиот куп на нациите во е-спорт, освојувајќи шампионско место во „Лигата на легендите“ и вицешампионско место во „Кантер страјк: глобал офанзив“. Во играта „Проеволушн сокер 2020“ се пласиравме до четврт-финалето. На квалификациите за Купот на нациите, пријавени беа 130 тима и 40 поединци.
Дванаесет членки на Европската федерација го организираа овој Куп на нации за да ја издигнат свеста кај младите во Европа за опасноста од ковид-19 и да порачаат дека е добро да се остане што е можно повеќе во карантин за да се спречи ширењето на вирусот.
Македонската е-спорт федерација, во соработка со „Анхоч“ и еспортс.мк, обезбеди награди за најдобрите натпреварувачи и ги пренесуваа сите натпревари на твич-каналите на федерацијата. Натпреварите ги проследија повеќе од 3.000 ентузијасти.
Во „Лиг од леџендс“ во финалниот меч ја совладавме репрезентацијата на Израел со резултат 3-1 во мечеви. Кантерџиите го заслужија второто место во овој шампионат во финалниот меч со Чешка, каде што тесно изгубивме со 2-0, а во играта за фудбалерот во ПЕС 2020, Давид Гаревски, заврши во четврт-финалето со Украина.
Наредните официјални натпревари за нашата земја ќе бидат европските квалификации за учество на Светското е-спорт првенство, кое традиционално се одржува повеќе од десет години во организација на Интернационалната е спорт федерација.