Македонските слемерки Елена Пренџова, Цветанка Колева и Марија Грубор и слемери Игор Трпчески и Горазд Китановски утре, во 18 часот, ќе настапат на онлајн регионалниот слем-настан „Коронаслем 9“. Тоа е слем-серијал што се одржува секој петок во исто време и кој во живо се стримува на Јутјуб. Серијалот го организира повеќекратниот хрватски национален слем-победник Дино Тременс, кој секоја недела претставува по неколку слем-имиња од регионот.
По претставувањето на хрватските, српските и словенечките слемерки и слемери, деветтата епизода од серијалот е посветена на најпретставителните македонски слемерки и слемери. Пренџова е една од водечките слемерки во земјава, првенката на слемот во Македонија и коорганизаторка на националниот слем-настан што секоја година се одржува во Прилеп и на кој се избира националниот претставник, кој секоја година ја претставува Македонија на Европското слем-првенство. Игор Трпче е организатор на прилепскиот национален слем и двократен победник.
Грубор е македонската претставничка на Европскиот слем за 2018 година, а Колева на натпреварувачките слемови освојува први и втори места. Горазд Кени е млад слемер во најава, со маркантни настапи и изграден стил под влијание на најсовремените текови на рапот и перформативната поезија.