Веќе цела година, поради актуелната пандемија на коронавирусот, македонските музичари останаа без работа, а со тоа и без стредства за егсистенција. Поради тоа тие се обединија, со цел полесно да ги остварат своите права.

Членовите на Координативното тело на шесте сродни музички здруженија (Здружение за унапредување на правата на музичарите – „Музика сега“, Здружение на естрадни уметници – Скопје, Охридски музички еснаф, Естрада – Битола, Естрада – Струмица и Сојуз на професионални музичари – Скопје) на денешната прва заедничка прес- конференција, што се одржа во клуб-ресторанот „МКЦ“, свикана по повод петтиот пакет мерки и предлог протоколите од страна на Угостителите, бараат иитна средба со претставнци на Владата, а доколку таа не се случи најавија протести.

– Нашиот молк е потврда дека музичарите навистина ја разбираат состојбата во која се наоѓа целиот свет, како и нашето општество и држава. Тој молк воедно е и крик кој треба да го слушнат сите, а пред сѐ оние кои неправедно оваа група на граѓани ја имаат заборавено и ставено на маргините. Имено, музичарите и воопшто музичките работници, беа меѓу првите кои ги почувствуваа последиците од оправдано донесените мерки за сузбивање на пандемијата, кога меѓу првите добија забрана за извршување на нивната дејност. Од таа причина, илјадници семејства во изминатата година останаа без основниот приход за егзистенција. Некои наши колеги беа или се принудени да ги продадат своите инструменти и да бараат во очај, начин за заработка во други струки кои немаат никакви допирни точка со музиката. Состојбата кај најголемиот број музичари е трагична и алармантна! Помошта која беше реализирана од страна на државата во декември минатата година беше добредојдена и покри дел од секојдневните семејни потреби на уметниците и за тоа испраќаме благодарност до Владата! Но, за жал, пандемијата сѐ уште трае, а уметниците под забраната за активност се оставени без работа, без ангажман, без основни приходи, без најава за евентуални настапи со пропишани протоколи – рече Трајко Симоновски од Здружение за унапредување на правата на музичарите – Музика Сега, во име на сите негови колеги.

Тој дополни дека минатото лето биле донесени протоколи за одржување на културни и музичките настани, кои ги организирале приватни продукции и други чинители како дел од евент индустријата и на нив, настапувале изведувачите од соседството на сметка на домашните, што е крајно некоректно кон артистите од домашната сцена кои низ годините оставиле траен белег.

– Веќе една година сите музичари очекуваат да се предложат и да се одобрат протоколи кои би овозможиле ограничено или какво-такво музицирање и работа и во угостителските објекти, но за жал, досега не е изнајдено такво решение. Напротов, последниот предлог за организирање настани без музика, дополнително ги стави во подредена улога и ги минимизира струката и трудот на музичарите кои верувајте се еден вид живо културно наследство. Со овој чин, неизвесноста се претвора во страв, а стравот во револт. Страв дека би останале и без досегашната помош од државата, покрај забраната сами да заработат за себе и нивните семејства – нагласи Трајко Симоновски.

Поради сите овие причини, шесте сродни здруженија кои претставуваат над 1.200 свои активни и регистрирани членови, имаат барања до релевантните фактори.

– Најпрво, бидејќи ние како фела, никако не може да се пронајдеме и не припаѓаме во петтиот пакет мерки (точка 11) и сме една од најпогодените гранки во државава, имаме забрана за дејност веќе безмалку 12 месеци и само една еднократна финансиска помош од 43.000 денари која беше доделена во декември, бараме од Владата да не обештети со сума еквивалентна на претходната дадена помош најдоцна до крајот на месецот март, за да ги покриеме основните режиски трошоци кои се за нас од основно егзистецијално значење.

Второ, последниот предлог од угостителите до Комисијата за заразни болести, посебно точката, каде се бара настаните да се одвиваат без жива музика, за нас е крајно разочарувачки и во никој случај не се согласуваме со истиот, затоа бараме таа точка од нивниот предлог-протокол да се избрише. Исто така, точката 15 од минатата година која беше објавена во Службен Весник на 22 јуни, 2020 година — 166/20 и 169/20, која гласи – Забрането организирање на музички настани во отворен и затворен дел од објекти и уредбата за гласност на музиката до 55 децибели, бараме да се укине и да се донесат соодветни, унифицирани, стратешки препораки, односно протоколи за работа на угостителските објекти, кои нема да бидат дискриминирачки во однос на нас музичарите. Шесте здруженија во врска со оваа проблематика имаат подготвено предлог-протоколи кои ќе бидат предложени и доставени до министерот за здравство и Комисијата за заштита од заразни болести.

И трето, но не помалку важно, бараме прием во Министерството за култура, со цел излагање на проблемите со кои се соочуваат музичарите и предлози за нивно надминување во време на корона-кризата која очигледно ќе трае.

Барањата се адресирани до: премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Фатмир Битиќи, Комисијата за заштита од заразни болести и Министерството за култура, од каде се очекува одговор најдоцна до 12 март. Во спротивно, ќе бидеме приморани нашите права да ги бараме преку протест, секако почитувајќи ги правилата и протоколите при одржувањето на истите на јавен простор – ги наведоа музичарите своите барања.

Тие очекуваат помош од надлежните, бидејќи како што велат, поради актуелните состојби музиката во нашата земја замолкна, но од воздух не се живее.

– Музичарите се замолкнати, имајте слух за нивниот молк, тој силно знае да одекне! – порачаа македоснките музичари на денешната прес-конференција.

М.Т.