Хрватот Иван Милун со велосипед патува по Балканот

Во Скопје треба да се почувствува тој микс на различности, тешко е да се собере сѐ во една слика. Мора да се доживее пулсот на градот, со сите споменици на плоштадот, со историјата измешана со модерните елементи, вели Иван Милун

На пропатување низ Македонија деновиве беше Иван Милун од Хрватска, кој со својот велосипед веќе втор месец патува по Балканот. Досега посетил 14 држави, а до крајот на патувањето бројката ќе ја заокружи на 20 земји. Во Скопје остана најдолго, бидејќи направи мала пауза поради доаѓањето на неговата девојка од Загреб. Со Анамарија Тремљан беше и во Охрид, а по нејзиното враќање назад, го продолжи патувањето со велосипедот, на кој му го даде името Вилма (на хрватски велосипед е бицикла, именка од женски род, н.з.). Од Скопје, на својот придружник на две тркала, опремен со многу неопходни работи за еден ваков мегапотфат, Иван пред неколку дена се упати кон Велес, по стариот пат, преспа во Свети Николе, ги посети Струмица и Негорци, па преку Гевгелија замина за Грција. Се сретнавме неколкупати за време на неговиот престој во нашата земја и на тој начин бевме една коцкичка во мозаикот што ќе ја сочинува конечната слика од оваа негова авантура.

Кога решивте да го истражувате светот со својот велосипед?
– Откога знам за себе ме интересирале географските атласи, па уште во основно училиште картите ми беа цели исчкртани. Тогаш уште не ми беше јасно како функционираат нештата околу патувањата, но сите градови на мапите ми беа споени со црти направени со пенкало. Пред да тргнам на училиште бев добар со бројките, но подоцна ме привлече географијата.

Кажете ни нешто повеќе за себе?
– Дипломирав новинарство во Загреб и магистрирав политички науки, но во новинарството не работам една и пол година. Заработувам како доставувач на храна со велосипед, преку апликации, па поради тоа дневно возам и по 60 километри по загрепските улици.

Кога би го прикажале потфатот низ бројки, како би изгледало тоа?
– Дневно возам по 50-100 километри, тоа е некој максимум, затоа што ме фаќа умор. Овој пат има 4.000 километри, така што ќе возам по 1.000 километри месечно. Немам некој конкретен план, немам резервации, немам ништо договорено. Трошам околу 20 евра дневно, или за целиот пат вкупно планирам да потрошам околу 2.000 евра.

Вашите импресии од патувањето ги пишувате на блог на социјалната мрежа Фејсбук, но како Тоне Селишкар. Зошто го одбравте името на овој писател?
– Тоне Селишкар го одбрав за псевдоним бидејќи се сеќавам дека во читанката на мојата сестра, постара од мене четири години, на првата страница беше песничка од Тоне Селишкар и јас тогаш научив да читам. Инаку, мислам дека пронајдов некој свој стил во пишувањето на блогот, каде што ги пренесувам моите искуства од секое место што ќе го посетам.

Задоволен ли сте, го доживеавте ли она што го очекувавте?
И повеќе од тоа. Уште кога влегов во Босна и Херцеговина сѐ беше поинакво. Никогаш досега не сум бил од левата страна на Неретва, односно подалеку од Котор на југ.

Што нема никогаш да заборавите од она што го доживеавте досега?
– Секако, приемот на луѓето во Албанија, иако малкумина зборуваа англиски, посетата на езерото Комани, но и волшебниот Охрид и воопшто Македонија.

Првпат сте во Скопје, дали ви се допаѓа?
По десет дена во Албанија, како да се вратив „дома“, во нашиот културен круг. Ете, зборувам на својот јазик, од кафулињата може да се слушнат и хрватски песни, сѐ е некако слично. А во Скопје, и јас и мојата девојка Анамарија некако се одомаќинивме, го запознавме од сите страни градот: бевме во Старата чаршија, во Градскиот парк, во Дебар Маало, на Матка, во Археолошкиот и Природонаучниот музеј… Градот е многу жив, има многу ресторани, кафулиња, сѐ е полно, па тешко се наоѓа место без резервација. Храната е навистина одлична, превкусна и многу евтина. Во Скопје едноставно треба да се почувствува тој микс на различности, тешко е да се собере сѐ на едно место. Не можам да издвојам само една слика. Мора да се доживее пулсот на градот, со сите споменици на плоштадот, со историјата и модерните елементи.

Бевте и во Охрид, што би издвоиле?
– Охрид е многу поубав отколку што очекував. Ништо намерно не истражував однапред, но она што го доживеавме со Анамарија беше големо изненадување за нас. Ридот, од каде што градот ми заличи на родниот Сплит, тврдината, романтичните прошетки крај езерото, Трпејца, Свети Наум, кој ми заличи на Меѓугорје, бидејќи сѐ е некако искомерцијализирано. Најсилен впечаток ми остави црквата „Свети Јован Канео“, каде што бевме на залез на сонцето.
Налетавме во вистинско време на вистинско место. Беше тоа магичен момент.

Имавте ли контакти со луѓето во Македонија?
– Најчесто зборувам за нештата што ќе ме изненадат, а за Македонците, уште во бивша Југославија, се велеше дека се дружељубиви, срдечни и топли луѓе. И тоа и се потврди. И покрај проблемите со кои се соочувате, се трудите на животот да гледате од позитивната страна. Вашата малечка земја со големо срце ме освои и, секако, повторно ќе дојдам во Македонија.

Дали има нешто заедничко во сите овие посети на различни земји?
– Интересно е дека кога луѓето ме угостуваат, или сакаат во најдобро светло да го покажат својот град, чувствуваат дека се дел од еден голем синџир. Стотици луѓе можеби ќе запознаам за време на ова патување, на овој или оној начин, па иако се свесни дека се само мал дел од нешто, за нив е поважна големата слика. И јас како новинар сакам да правам приказни за малите луѓе и за нивните големи успеси. Се надевам дека ќе снимам такви емисии ако се вратам на старото работно место, во јавниот сервис ХРТ. Бидејќи, според мене, тоа е смислата на националните телевизии, а такви проекти веќе речиси и нема, само висока политика и комерцијала. А јас само сакам да го фатам моментот, тоа е мојата животна филозофија.


Горда сум на Иван

Анамарија, како ви се допаѓа ова што го прави вашето момче?
– Го поддржувам и се надевам дека замислата ќе ја реализира докрај. Повеќето луѓе не се во можност да направат такво нешто. Искрено, малку се плашам, сепак оди во непознати земји, сам на својот велосипед, но горда сум на него и мислам дека е многу храбар.