Кога археологот Ведрана Главаш и етологот (експерт за однесување на животни) Андреа Пинтар во 2015 година за првпат тврделе дека кучиња можат да „намирисаат илјадници години во минатото“ наишле на скептицизам и потсмев од колегите. Но, пет години подоцна, малкумина се сомневаат во овој метод и освен во нивната родна Хрватска, тие им помагаат на бројни колеги од странство, пишува „Гардијан“.
– Сакавме да испитаме до колку далеку во минатото тие можат да намирисаат остатоци и бевме во шок кога сфативме дека можат да намирисаат остатоци и постари од 2.500 години. Беше лудо да се мисли дека такво нешто е можно – изјавила Главаш која предава на Одделот за археологија на Универзитетот во Задар.
Главаш и Пинтар се запознале случајно преку заеднички пријатели. Тие дошле до големо откритие во 2015 година за време на истражувањето во близина на Дрвишица на планината Велебит.
Ова беше проследено со долгогодишна работа на терен, за што Главаш и Пинтар, која дресира кучиња, напишаа научен труд објавен во престижното списание „Журнал за археолошки метод и теорија“.
– Иако некои колеги на почетокот на нашето истражување се потсмеваа на нашиот пристап, целата приказна на крајот доби научен легитимитет и потврда од професијата – посочува Главаш.
Истражувачите Главаш и Пинтар докажале дека со соодветна дресура кучињата можат да им помогнат на научниците во откривањето на човечки и животински остатоци од минатите векови.
– Дотогаш, не ни помислував на фактот дека дресирани кучиња можат да се користат за да бараат нешто, а камоли во археологијата. Андреа дојде и рече дека ја интересира до колку можам да намирисаат, а јас веќе го истражував Велебит во тоа време и ги знаев локациите на три гробници – вели Главаш.
Таа додава дека за изненадувањето поради откритието дополнително придонел и фактот дека станува збор за карпест терен, низ кој потешко поминува мирис. Дополнителна отежнувачка околност беше тоа што една година порано, тим археолози кои работеа со неа, ги отстраниле остатоците од тие гробници.
– Ние никому не го пријавивме истражувањето. Отидовме на неформална прошетка со кучињата, кои едно по друго се редеа точно таму каде што беа гробовите за кои веќе знаев – раскажува Главаш и додава дека им биле потребни две недели за да се соземат од таа случка.
Истражувањето траело до 2019 година, а Главаш вршела ископувања според обележувањата на кучињата. Така на Велебит биле пронајдени уште шест праисториски гробници.
– Особено е интересно што кучињата се многу прецизни и точно можат да го намирисаат местото, иако тоа не е толку важно за нас археолозите, ние секогаш копаме пошироко околу локацијата – објаснува таа.
Главаш додава дека кучето го следи мирисот на човечко распаѓање.
– Нашите кучиња се обучени на стари коски, кои имаат послаб мирис, но тие не бараат коски, како што обично се мисли. Тие првенствено реагираат на целото ова хемиско соединение од разни молекули што се формира при распаѓање на човечкото тело – истакна Главаш.
За полесно пребарување на кучињата, Главаш и Пинтар ја ораат или дупчат земјата кога е можно, за да мирисот излезе од земјата. По дупчењето, потребно е да се почека притисокот на воздухот во земјата и на површината да се изедначат, со цел да се засилат мирисите.
Секое куче носи ГПС-локатор, така што истражувачите можат точно да следат кои делови од теренот се прегледани.
Пинтар и Главаш го истражувале Велебит со четири кучиња од расите германски и белгиски овчар, женките Сатве, Арвен, Панда и Мали.
Овие кучиња се обучени да и помагаат на полицијата за пронаоѓање трупови и масовни гробници и се попознати како кадавери-трагачи по човечки остатоци.
– Кадаверите главно работат на случаи стари до 50 години – изјавил Мик Свинделс британскиот тренер за кучиња и водич, кој работи повеќе од 30 години на откривање на човечки остатоци, а работел и во БиХ.
Бидејќи во некои земји не е легално да се обучуваат кучиња на човечки остатоци, тие најчесто се обучуваат на гробишта на свињи. Станува збор за специјални фарми, каде се закопани остатоци од животни, како што вели Свинделс, „слично како криминалец да закопа жртва“. Причината за тоа, како што објаснил тој, е што остатоците од свињи се најслични на човечките.
Тој додава дека во просек се потребни шест недели за основно дресирање на кучиња, а нивната понатамошна ефикасност зависи и од вештината на водачот.
– Кога станува збор за гробови како оние што ние ги истражуваме, каде се поминати само неколку децении од погребот, има знаци кои може искусен водач на кучиња да ги следи – објаснува Свинделс.
Тој вели дека истражувачите, на пример, според количеството на мов што расте на помалку сончевата страна на каменот со текот на годините, можат да утврдат дали е тој преместен.
– Во Босна беше особено впечатливо што вегетацијата беше многу бујна на местата каде имаше масовни гробници, бидејќи растенијата можат добро да се хранат од почвата – додава тој.
На Свинделс, кога му се случувало кучето да најде постара коска отколку што се очекувало, вели дека секогаш тоа го сметал како „случајност“. Покрај вообичаената дресура, кучињата со кои работат хрватските археолози поминале и дополнителна обука.
На прашањето колку далеку во минатото може да отиде сетилото за мирис на кучето, Главаш одговара дека е многу тешко е да се каже со сигурност.
– Успеавме научно да докажеме дека дојдовме до 8 век п.н.е. тоа се најстарите гробници што ги пронајдовме – вели Главаш.
Сепак, додава таа, носот на кучето „веројатно“ оди многу подалеку во минатото, само што за тоа сè уште нема научна потврда.
– Нашите кучиња нè изненадуваат одвреме-навреме.„Кога условите на земјата и воздухот се добри, не гледам причина зошто да не намирисаат нешто многу постаро, кога веќе можеа да најдат гробници од пред 2.800 години – вели Главаш.
.Таа посочува дека кучињата се особена помош во карпести локалитети како што е Велебит.
– Бидејќи георадарот „Лидар“ кој археолозите инаку би го користеле, не би помогнал, и истражувањето на теренот со кое би можеле да се најдат гробовите тогаш би траело многу подолго – посочува Главаш.
Таа и Пинтар сега излегуваат на терен на покана од своите колеги, со цел да проверат каде треба да копаат, а учествувале и во ископувања во Германија.
„Докажавме дека ова функционира и колегите во Хрватска и во странство сега се многу заинтересирани за нашиот пристап“, заклучува Главаш.