Први април – Светски ден на шегата
И во најтешките моменти хуморот не нѐ напушта, а доказ за тоа се шегите на социјалните мрежи на сметка на коронавирусот, но и на нашите карактери, слабости и стравови периодов. Дури и оние што сериозно ја сфаќаат состојбатa со пандемијата, деновиве не ја пропуштаат можноста да се релаксираат со здрав хумор, шегувајќи се главно на своја сметка, како во коментарот: „Деновиве поздравот имај убав ден звучи како цркни дома џукело“! Бидејќи милиони луѓе во светот се принудени да работат од дома, тоа е посебен предизвик за родителите со мали деца.
„Моите соработници ми го зедоа појадокот, плачат и ми го фаќаат лаптопот, кога ќе му се пожалам на менаџментот, менаџерката вели: Не гибај ми ги внучињата“, напиша на Твитер еден млад татко. Овој твит потекнува од англиското говорно подрачје, но брзо се прошири и на балканските простори и доби голем број верзии. А кога сме на домашен терен, е тука има најразлични шеги, од оние поврзани со храната, ТВ-програмата, виртуелното учење. Токму на оваа тема е и следниот пост, кој вели: „Еве можност за политичарите што си ги купија дипломите барем да го совладаат материјалот од основното училиште“.
Или: „Учителке можам ли да одам во тоалет? – Причекај, сега ќе бидат рекламите“.
Има и интересни коментари за тоа што ќе се случи, кога ова лудило ќе заврши, во стилот: „Ако преживееме од што ќе живееме?“ и „Арно што го уништивме стопанството со време. Да не беше така, сега ќе имавме огромни загуби“.
Има и такви што на целата оваа ситуација гледаат од филозофска страна, но и такви што едвај чекаат да му се вратиме на вообичаениот начин на живот и кои, како што велат, умираат од здодевност, затворени во четири ѕида.
На пример: „Од немрдање се мрднавме!“, „Во телефонот имам толку многу информации за коронавирусот што веќе почна да кашла“ или „Карантинов е како да сме во Биг брадер, само без старлети, порносцени и на крајот нема ни пари да ни дадат“. Едни од најсмешните се коментарите поврзани со прекумерното јадење во самоизолација, како: „Од сабајле до сега сто пати станав, сто пати легнав и сто пати јадев“ и „Не само што забранија излегување од 21 до 6 часот, туку и јадење во тој период треба да забранат!“
Свои смешни коментари добија и проблемите на сопствениците на кучиња, поради вонредната состојба и забрана за движење, кои велат: „И да грми и да вее и корона да коси, кучето на мочање мора да се носи“. Тука се и шеговитите совети за тоа како да го зачуваме здравјето, но и критика до здравствениот систем на земјава, но и до медиумите: „Додека на народот му објасниш дека вирусот ги напаѓа органите за дишење, а не за варење, отиде целата тоалет хартија“ и „Вирусот е опасен, но не е поопасен од медиумските глупсони, кои нѐ лекуваат со паника“. За апсурдноста на состојбава, на шеговит начин говори и следниот коментар на социјалните мрежи: „Правилото оди вака: ги миеш рацете со топла вода и сапун 20 секунди; чешмата ја затвораш со крпа, која потоа ја дезинфицираш; бидејќи си ја фаќал крпата, ги миеш рацете 20 секунди; потоа ја затвораш чешмата со крпа; потоа ја дезинфицираш крпата; па ги миеш рацете…. И еве сум веќе осум часа во бањата“.
Како и да е, со нашиот ведар дух, уште еднаш покажавме дека хуморот и позитивниот однос кон животот не нѐ напуштаат ни во тешки мигови.
Впрочем, денеска е 1 април, Светски ден на шегата, па можеме барем за миг да не мислиме на катастрофалните последици од пандемијата, која го зафати целиот свет и да си замислиме дека чекориме по светлата страна на животот, како што пее култната британска хумористична дружина „Монти Пајтон“ во песната „Always Look on the Bright Side of Life“.