Албумот „Homage to a dreamer“ на „Гоце Стевковски септет“ ќе биде концертно промовиран на 8 ноември (четврток), во салата на Македонската филхармонија, со почеток во 20 часот. Септетот е составен од извонредни музички уметници, а ќе настапи со изведба на новите теми од вториот албум што влезе во тесниот круг на десетте најдобри на музичката мрежа „Спотифај“. Составот го сочинуваат: Тодор Бакрџиев на труба, Кирил Кузманов на саксофон, Сашко Николовски на тромбон, Филип Динев на гитара, Гордан Спасовски на пијано, Кирил Туфекчиевски на контрабас и Гоце Стевковски на тапани, а на концертот како гости ќе настапат Димитар Божиков на гитара и Филип Димишковски на клавијатури.
Критиката веќе го оцени албумот „Homage to a dreamer“ како извонредно издание што ги рефлектира талентот и инвентивноста на Гоце Стевковски, кој зад себе има импресивна биографија во која се запишани соработки со повеќе музички ансамбли и артисти, како и музичката индивидуалност и маестралната изведба на сите членови на септетот. Албумот е снимен во 2017 година во Македонската опера и балет, автор на композициите е Гоце Стевковски, а издавач е „Скопскиот џез-фестивал“.