Скопје добива нов урбан фестивал „Андерфест“. Прогресивен, мултимедијален фестивал кој ги обединува музиката и уметноста и нуди тридневно комплетно уживање во сите сегменти од урбаната култура.
Примарна цел на фестивалот е афирмирање на помалку познатите артисти, фестивал кој ги вреднува автентичноста и креативноста и го отвара јавниот простор за младите и неетаблирани музичари и со тоа придонесува за нивна промоција.
На 1 октомври оваа година „Андерфест“ распиша конкурс, на кој што може да се пријават сите млади музичари кои сакаат да ги претстават своите дела пред пошироката јавност. Истите, своите податоци треба да ги испратат на електронската адреса [email protected] најдоцна до 31.12.2018. Оние кои ќе ги бидат избрани, ќе настапат на фестивалот, каде ќе можат да го презентираат својот креативен труд и своите авторски дела.
-До сега сме задоволни од интересот и одзивот на бендовите кои сакаат да настапат на овој фестивал. Како досега потврдени изедувачи би ги издвоиле: „The Mole Pack“, „Kẽpurdhat“, „Replay“, „Cruel“, „Fosfen“, „Vlado Yo“, „Tonal Noir“, „Фуснота“, „Класје“,„Илузија“ и други. На Фестивалот исто така е предвиден и дел за помладата публика. Во тој дел ќе настапат младата и талентирана Јована Здравевска како и нашиот овогодишен претставник на детскиот Евросонг Марија Спасовска – изјави претседателот на „Андерфест“, Бојан Трпевски.
Фестивалот ќе се одржи од 5 до 7 април 2019 година, во просториите на Јавна соба, во Скопје, а влезот за сите фестивалски денови ќе биде бесплатен.