Како размислува еден невролог на темата за парни локомотиви, паметни телефони и страв од иднината
„Мојата омилена тетка Лен, кога беше во своите осумдесетти години, ми беше кажала дека во животот немала преголеми тешкотии да се привикнува на нови работи – млазни авиони, вселенски патувања, пластика и слично – но тешко ѝ одело прифаќањето дека старите работи исчезнуваат. Каде заминаа сите оние коњи?, ќе кажеше одвреме-навреме. Родена во 1892 година, таа пораснала во Лондон, полн со кочии и коњи. И јас се соочувам со слични чувства. Пред неколку години шетав по улицата Мил Лејн со мојата внука Лиз. Тоа беше блиску до куќата во Лондон во која пораснав. Застанав на железничкиот мост, каде што како момче многу сакав да се надвиснувам на оградата. Ги гледав различните електрични и дизел-возови што поминуваа, а Лиз, која веќе стана нетрпелива, ме запраша: ’Што чекаш?‘ Реков дека чекам парна локомотива. Лиз погледна во мене небаре сум полудел. ’Чичко Оливер, парните возови не постојат повеќе од 40 години‘“, пишува неврологот Оливер Сакс за престижниот „Њујоркер“ во текст посветен на темата за парните локомотиви, паметните телефони и стравот од иднината.
Во својата анализа Сакс објаснува дека и тој, како и неговата тетка, се нема приспособено на некои аспекти на новото – можеби затоа што степенот на социјални промени поврзани со технолошкиот напредок се менува многу брзо и темелно.
– Не можам да се навикнам на илјадниците луѓе на улица, кои зјапаат во малечки кутичиња или, пак, ги држат на сантиметар од лицето, движејќи се безгрижно во сообраќајниот метеж, комплетно несвесни за околината. Најмногу ме вознемирува таквото невнимание кога ќе видам млади родители што се ѕверат во своите мобилни и ги игнорираат своите бебиња додека шетаат или ги возат во количка. Овие деца, не можејќи да им го привлечат вниманието на своите родители, сигурно се чувствуваат занемарено, а ефектите од тоа дефинитивно ќе се покажат во годините што следуваат – вели Сакс.
Во својот роман „Духот што заминува“ (2007), славниот Филип Рот зборува за тоа колку радикално променет му изгледа Њујорк на еден осамен писател, кој десет години бил отсутен. Принуден насекаде околу себе да ги слуша разговорите на мобилен, тој се прашува: „Што се случило во изминативе десет години, за одеднаш луѓето да имаат да си кажуваат толку многу работи – што е толку итно, за да мора веднаш да се раскаже? Не ми е јасно како некој може да верува дека живее нормален човечки живот, одејќи наоколу и зборувајќи на телефон речиси половина од времето додека е буден.“
– Овие направи, застрашувачки веќе во 2007, сега нѐ вовлекоа во една многу погуста, подлабока, па дури и понечовечна виртуелна реалност. Секојдневно сум соочен со комплетното исчезнување на старата, добра учтивост. Во голема мера ги снема дружењето, вниманието кон луѓето и нештата околу нас, барем во големите градови, каде што мнозинството од населението сега постојано е залепено за мобилните телефони или за други уреди – дрдорење без престан, испраќање пораки, играње игрички, сѐ почесто насочување кон виртуелната реалност од секаков вид. На некој начин, сѐ е сега јавно – размислувањето, фотографиите, движењето и преселбите, пазарувањето. Приватноста не постои, а очигледно немаме многу желба за неа, ние, кои живееме во свет посветен на непрекинато користење на социјалните медиуми.
Секоја минутка, секоја секунда треба да поминат со мобилниот што го стискаме во раката. Оние што се заробени во овој виртуелен свет никогаш не се сами, па затоа и никогаш не се способни да се концентрираат тивко и без зборување да увидат некои работи. Тие премногу јасно се откажаа од начинот на живот и минатите достигнувања на цивилизацијата: самотијата и слободното време, предноста да се биде онаков каков што си, комплетно задлабочен во нешто – без разлика дали тоа е уметничко дело, научна теорија, залез на сонце или лицето на саканата личност – вели Сакс, кој пред неколку години бил поканет да се приклучи на панел-дискусија во врска со информациите и комуникацијата во 21 век.
Еден од говорниците, „староседелец“ на интернет, гордо истакнал дека неговата ќерка сурфала на мрежата по 12 часа на ден и имала широк пристап до информации незамисливи за претходните генерации. Сакс го прашал дали таа има прочитано барем еден од романите на Џејн Остин или кој било друг класичен роман. Кога тој одговорил негативно, гласно се запрашал дали тогаш таа ќе има солидно знаење за човечката природа или за општеството, посочувајќи дека нејзиното широко познавање на голем број информации е различно од поимот знаење.
– Половина од луѓето во публиката ми ракоплескаа, а од другата половина бев исвиркан. Неверојатно но вистинито, повеќето од ова беше претскажано од Е. М. Фостер, во неговиот расказ „Машината ќе запре“ (1909). Таму тој замислува иднина во која луѓето живеат во изолирани ќелии, никогаш не се гледаат меѓусебно и комуницираат само преку аудио и визуелни уреди. Во ваквиот свет најмногу се обесхрабрени оригиналната мисла и директната опсервација. „Чувајте се од нови идеи!“, им се кажува на луѓето. Човештвото е надвладеано од „машината“, која ги обезбедува сите удобности и ги исполнува сите потреби – освен онаа за човечки контакт. И јас го мислам истото (и тоа сѐ почесто) за ова наше маѓепсано, зашеметено општество. Како што ни се приближува смртта, би можеле да се утешиме со помислата дека животот ќе продолжи – ако не за нас, тогаш за нашите деца или за нашето творештво. На ова барем може да се надеваме, иако нема надеж да опстанеме во физичка смисла, ниту пак (за оние од нас што не се верници) во духовна, која нуди „преживување“ по телесната смрт. Сепак, можеби нема да е доволно да создаваме, придонесеме или да влијаеме врз другите, ако сметаме (како јас сега) дека е загрозена самата култура што нѐ „доела“ и на која сме ѝ возвратиле со најдоброто од себе. Иако сум поддржан и поттикнат од моите пријатели, читателите од целиот свет, од сеќавањата на мојот живот и од радоста што ја добивам од пишувањето, јас, како и многумина, во себе имам длабоки стравови во врска со благосостојбата, па дури и опстанокот на нашиот свет – пишува Сакс.
Исти вакви стравови биле изразени од разни авторитети на највисоко интелектуално и етичко ниво. Мартин Рис, водечки астрофизичар и поранешен претседател на Кралското општество, не е човек што размислува апокалиптички, но во 2003 г. објави книга со наслов „Нашите последни моменти“ и поднаслов „Предупредување од научникот: како стравот, грешките и еколошката катастрофа ја загрозуваат иднината на човештвото во овој век – на Земјата и пошироко“. Неодамна папата Франциск го објави своето извонредно „папско писмо“ со поднаслов „Грижа за нашиот заеднички дом“, едно длабокоумно размислување не само за климатските промени предизвикани од човекот и распространетата еколошка катастрофа, туку и за очајот на сиромашните, растечката закана од расипништво и злоупотребата на технологијата. Традиционалните војни сега се дополнети со екстремизам, тероризам, геноцид, а во некои случаи и намерно уништување на нашето човечко наследство – историјата и културата.
– Се разбира, и мене ме загрижуваат овие закани, но засега не толку многу – повеќе ме вознемирува суптилното, сеприсутно цедење на смислата и интимниот контакт од нашето општество и култура. Кога имав 18 години, првпат го читав шкотскиот филозоф и историчар Дејвид Хјум и бев преплашен од визијата што ја даде во неговата книга од 18 век, „Трактат за човековата природа“, во која напиша дека човештвото „не е ништо друго освен збирка од различни перцепции што следуваат една по друга со незамислива брзина и се во бескрајно течение и движење.“ Како невролог, сум видел многу пациенти со амнезија како последица на рушењето на мемориските системи во мозокот. Не можам а да не мислам дека овие луѓе, кои го загубиле чувството за минатото и иднината, заглавени во краткотрајни, менливи сензации, на некој начин се сведени на суштествата од книгата на Хјум. Сѐ што треба да направам е да прошетам низ моето соседство, на улиците ќе видам илјадници вакви несреќници: најчесто млади луѓе, пораснати во новата ера на социјални медиуми, кои немаат лична меморија за тоа како било порано, ниту пак имунитет да се одбранат од заблудите на дигиталниот живот. Она што го гледаме, и самите предизвикувајќи го, личи на една невролошка катастрофа во гигантски размери – вели Сакс.
И покрај тоа, тој се осмелува да се надева дека наспроти сѐ, човечкиот живот и неговото богатство од култури ќе преживее, дури и на една ваква опустошена Земја. В.Б.Н.