Една жена од Канада решила да врати пет артефакти кои во 2005 година ги земала од Помпеја, велејќи дека ѝ донеле несреќа, пренесува Си-ен-ен.
Канаѓанката по име Никол во писмо до Археолошкиот парк на Помпеја испратила објаснување за нејзината одлука, а ги вратила и земените артефакти кои вклучувале две камчиња од мозаик, две парчиња од амфора и парче керамика.
– Сакав да поседувам историја што не може да се купи. Тогаш бев млада и наивна – пишува Никол во писмото.
Но, откако таа се вратила во Канада, двапати се борела со рак на дојка, што резултирало во двојна мастектомија, а нејзиното семејство имало големи финансиски проблеми.
– Ги зедов без да размислувам за болката и страдањето што ги доживеале овие сироти души при ерупцијата на Везув и нивната страшна смрт. Жалам и ве молам простете ми што го направив овој ужасен чин. Нека нивните души почиваат во мир – напишала Никол во писмото, обвинувајќи ја лошата среќа на земените керамички парчиња.
Никол вели дека исто така подарила едно парче на нејзина блиска пријателка, но не знае дали и таа ќе го врати проколнатиот артефакт.
– Не сакам повеќе да ја пренесувам оваа клетва на моето семејство, или пак, на моите деца. Ве молам, простете го мојот невнимателен чин што го направив пред многу години. Jа научил својата лекција и барам прошка од Бога – пишува во писмото.
Низ годините, илјадници посетители на Помпеја вратиле мозаични плочки и парчиња малтер кои ги имаат понесено со себе без дозвола, а во нивните писма тврдат дека не им донеле ништо освен несреќа.
– Дел од писмата и вратените артефакти се изложени во антиквариумот на Помпеја. Иако вредноста на артефактите не е значајна, писмата се интересни од антрополошка перспектива – изјави портпаролка на Помпеја.