Останува дилемата дали холивудскиот филм со висок буџет може да има профит доколку се отворат кината, но со помал капацитет за посетители? Аналитичарите велат дека ова може да функционира бидејќи кината, секако, не работеле секогаш со полн капацитет и пред пандемијата
Пандемијата на коронавирусот ги принуди студијата да ги прикажат своите нови филмови на стриминг-платформите многу побрзо од вообичаено, притоа заобиколувајќи ги кината и премиерите, па поради тоа некои филмови периодов имаа само виртуелни проекции.
Неодамна компанијата „Ај-ем-си“ го објави разочарувачкиот извештај за заработувачката. Овој киногигант предупреди дека загубите достигнуваат до бројката 2,4 милијарди долари, се разбира причина за тоа е ковид-19, додавајќи
дека има претпоставки дека работата ќе се врати во нормала во разумен временски период. „Ај-ем-си“ објави и дека пандемијата своето разурнувачко дејство го имала на сите кина што своите приходи ги остваруваат пред сѐ од посетата. Сепак, компанијата во јули повторно отвори повеќето од своите киносали во САД и во Велика Британија.
Деновиве кога САД почнуваат забавен процес на повторно отворање, кината ги објавија своите планови за враќање во нормала. Но јасно е дека, како и сите други индустрии, филмскиот и театарскиот бизнис се многу неизвесни.
Закрепнување во фази
Процесот ќе се одвива во неколку фази и ќе ги земе предвид насоките од СЗО, како и мислењата на локалните официјални претставници дека затворените простори се особено чувствителни кога станува збор за потенцијално пренесување на коронавирусот.
Јасно е дека сопствениците на кината, како и сите што поседуваат акции во индустријата, желно очекуваат тие повторно да почнат да работат. Но останува отворено прашањето дали Американците се подготвени да се вратат во кината. Откако со месеци слушаа за ризиците од пренесување и за страшните симптоми на вирусот, досегашните посетители треба да одлучат дали, сепак, ќе отидат да погледнат филм во кино, што до скоро за нив беше едноставно и неопходно животно уживање.
Но со мерките што ги презедоа кината и државата ќе имплементира дополнителни рестрикции. Во Калифорнија, гувернерот Гевин Њусом ги изнесе насоките врз чија основа кината ќе можат да почнат со работа. Тоа подразбира дека е дозволено да се пополнат само 25 отсто од капацитетите или максимум 100 посетители во едно кино.
Сопствениците, пак, треба задолжително да отстранат места за седење за да обезбедат физичка дистанца од најмалку 2 метри. Тоа може да значи да се тргнат цели редици или да се блокираат овие седишта по принцип на шаховска табла. Членовите на семејствата можат да седат заедно, но мораат да држат дистанца од 2 метра со другите посетители.
Маските ќе бидат задолжителни, а се советува да се користат и еднократни прекривки за седиштата во кината. Јавните фонтани ќе бидат исклучени, а вратите ќе бидат отворени за да се обезбеди слободен проток на луѓе.
Од „Синемарк“ велат дека своите киносали ќе ги отворат во четири фази. Националната асоцијација на сопственици на кина одлучи да отвори 90-95 отсто од кината.
Премиерата на филмот на Кирстофер Нолан, „Тенет“, во продукција на „Ворнер Брос“, што се случи на 17 јули, за чие снимање беше потрошен буџет од 200 милиони долари, беше проба врз чии резултати ќе се одлучи дали користа ќе ги надмине ризиците за претпазливите љубители на филмот.
И други филмски студија почнаа да ги објавуваат своите планови за повторно враќање на пазарот, вклучувајќи го и „Сони/Тристар“ со премиерата на филмот „Галерија на скршени срца“ во кој глуми Селена Гомез, што многумина го оценуваат како оптимистички ризик.
Премиери на стриминг-платформи
Пандемијата ги принуди студијата да ги прикажат своите филмови на стриминг-платформите многу побрзо од вообичаено, заобиколувајќи ги кината во целост. Тоа се случи со премиерите на „Вљубени птици“ и „Артемис Фоул“. Повеќето студија ова го третираат како моментална стагнација, но „НБЦ јуниверзал“ беше особено остар во врска со успехот на премиерата на „Светска турнеја на Троловите“ на стриминг-платформите, што доведе до тензија со сопствениците на кината. Останува дилемата дали холивудскиот филм со висок буџет може да има профит доколку се отворат кината, но со помал капацитет за посетители? Аналитичарите велат дека ова може да функционира бидејќи кината, секако, не работеле секогаш со полн капацитет и пред пандемијата. Ако се земе предвид фактот дека нема да има други поголеми премиери во истиот временски период, „Тенет“ и „Мулан“ може да имаат многу повеќе прикажувања од вообичаено.
Сево ова е решено со претпоставка дека љубителите на киното воопшто ќе дојдат, бидејќи многумина се прашуваат дали пандемијата претставува и почеток на „новото нормално“ и за филмската индустрија, која и претходно се бореше за опстанок поради промената на желбите и навиките на потрошувачите.
Новите истражувања укажуваат дека луѓето не брзаат да се вратат во киносалите. Дури 70 проценти од испитаниците изјавиле дека повеќе сакаат да останат дома и да гледаат филм отколку да одат на кино. Само 13 отсто изјавиле дека ќе го изберат киното. Веројатно овие размислувања ќе се сменат за неколку месеци, па и година, но овие бројки сега се проблематични за сопствениците на киносалите.
Сега целата индустрија се фокусира на резултатите од премиерата на филмот „Тенет“. Доколку оваа проба не успее, тоа ќе значи дека претстојат тешки времиња за Холивуд.