Белградската „Штарк арена“ вчеравечер беше претесна да ги прими сите фанови од регионот, кои сакаа да присуствуваат на првото доделување на интернационалните музички награди МАС (Music Awards Ceremony).

На ова спектакуларно музичко шоу учествуваа најголемите музички ѕвезди од: Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина и од Македонија. Доделувањето на признанијата наликуваше на најзначајните светски музички настани од тој тип во продукција на Ем-ти-ви.

Сите песни, кои се бореа за наградите, беа номинирани од аудио-станиците во регионот, а публиката го направи изборот по пат на он-лајн гласање.

Масимо Савиќ, „Плави оркестар“, Стјепан Хаусер од „Ту челос“, Сергеј Четковиќ, Петар Грашо… се само некои од над 200 изведувачи, кои беа дел од ова врвно шоу.

Целиот спектакл се одвиваше на шест сцени, изведувачите ги придружуваа 50 танчери, а настанот го следеа голем број медиуми од регионот.

Меѓу добитниците е и нашата Каролина Гочева, која за песната „Ти не дојде“ ја доби наградата за најдобра етно/ њу ворлд нумера, што ја добија и Сања Илиќ и групата „Балканика“.

За најдобар машки изведувач е прогласен Тони Цетински, а Марија Шерифовиќ е најдобра пејачка. Јелена Розга и Александра Радовиќ добија награди за најдобра песна на женски изведувач.

Награда за најдобра рок песна добија „Бајага и Инструктори“, а специјално признание за над 30 годишно присуство на естрадата доби Жељко Самарџиќ. Награда за долгогодишна музичка активност добија и членовите на групата „Парни ваљак“. Додека за афирмацијата на музиката во регионот награден беше фестивалот „Егзит“.

Водители беа Ѓуле од групата „Ван Гог“, Ида Престер и Аида Јокановиќ. Сите приходи од вчерашниот настан, со посредство на УНИЦЕФ се наменети за загрозените деца во регионот.

М.Т.