Поведена е голема регионална општествена кампања „Сподели љубов“ чии носители доаѓаат од Задар, Нови Сад и од Сараево, а се очекува кон неа набргу да се придружат и други организации и поединци од сите краеви на Балканот. Веста дека Јуре Зубчиќ од Задар со својот храбар потег го исправи графитот на омраза (убиј го Србинот) претворајќи го во натпис што повикува на љубов (љуби го Србинот), оваа година го дигна целиот регион на нозе и многу јавни личности го поздравија овој потег на социјалните мрежи, но и преку медиумите.
Јуре Зубчиќ смета дека мора да бидеме насочени кон иднината, а не кон минатото, од кое, пак, мораме да извлечеме поука.
– Националистите не ги определува припадноста на еден народ како што тие сакаат да нагласат, нив ги определува само неспособноста за создавање подобро општество. Општеството што живее од самодоволност, притоа не прифаќајќи ги различностите, е осудено на пропаст. Со јасен и гласен став, но и дејствување кон секој нивни говор на омраза може многу да се направи. Да почнеме од тој чекор, па секој следен чекор ќе биде сѐ полесен – кажа Зубчиќ.
Мотивирани од овој, но и слични потфати на истакнати личности, со желба ваквите благородни потези да се прошират и да се видат низ регионот, фондацијата „Егзит“ од Нови Сад, во соработка со „Муња инкубаторот за општествени иновации“ од Сараево, најпосетената информативна платформа за зајакнување на младите „Хоку ба“ и „Фестивал 84“, ја поведоа регионалната кампања „Сподели љубов“.
Акцијата е лансирана на социјалните мрежи на сите настани од фестивалското семејство, каде што луѓето се повикани на своите социјални мрежи да споделат позитивни пораки или примери како што е овој неодамнешниот од Задар. Најдобрите и најавтентичните објави на Инстаграм и на Фејсбук, кои повикуваат на толеранција, љубов и почитување меѓу луѓето во регионот, ќе бидат наградени со влезници за фестивалите „Егзит“, „Си денс“ и „Си стар“. Акцијата трае до 1 јуни, а собраните пораки ќе бидат испратени и директно од бините на „Егзит“ и другите фестивали низ регионот.
„Егзит“ е единствениот голем светски фестивал, кој и самиот е настанат од општествениот активизам, и како таков настојува преку своите активности да укаже на важноста на заедништвото, единството и креирањето подобро општество, кое им се спротивставува на говорот на омраза и на фабрикувањето меѓунационални конфликти.