Животни
Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) објави дека речиси 100 кучиња и мачки во САД се заразиле со коронавирус по близок контакт со лице со ковид-19.
Врз основа на досегашните податоци, се чини дека ризикот од ширење на коронавирусот од животни на луѓе е мал, но заразените лица можат да им го пренесат вирусот на домашните миленици. ЦДЦ советува дека заразено лице треба да се изолира од другите членови на домаќинството, вклучувајќи и од домашните миленици. Во тој случај, пожелно е некое друго здраво лице да се грижи за миленичето. Повеќето од погодените миленичиња имале благи симптоми на ковид-19 и успешно закрепнале од болеста.
ЦДЦ објави упатства за заштита на домашните миленици од коронавирусот. Препорачливо е да ги третирате своите миленици како луѓе за да ги заштитите од можна инфекција.
– Не дозволувајте миленичињата слободно да шетаат надвор. Избегнувајте јавни места каде што се собираат голем број луѓе. Не ставајте им маски на вашите миленици бидејќи тие можат да им наштетат – советува ЦДЦ.
Ако вашето домашно милениче се разболи, контактирајте ветеринар што дополнително ќе ве советува како да се грижите за кучиња и мачки за време на пандемијата.
Досега нема докази што сугерираат дека животните го шират коронавирусот во голема мера, но ЦДЦ советува да се придржувате кон одредени превентивни мерки за да се заштитите.