Што можеме да научиме од жените што носат превез и комуницираат со околината без проблеми? Хуманитарните организации сметаат дека сите што работат во јавниот сектор треба да имаат проѕирни маски, за да се обезбеди подобра комуникација со луѓето
Денес во над 50 земји во светот носењето заштитни маски за лице во јавни простории е задолжително. Голем број граѓани и во земјите што немаат толку строги прописи, сепак ги носат за да се заштитат себеси и другите од можната зараза со коронавирусот. Но во голем број други држави, особено азиски, носењето маски, како заштита од зараза, беше општествена норма и пред пандемијата.
Светската здравствена организација советува носење маски, но во земјите каде што оваа практика е со понов датум, некои луѓе се мачат, затоа што не можат да поднесат ткаенината да им го покрива лицето.
– Тешко се дише со маска или не можам убаво да зборувам бидејќи моите зборови звучат придушено, се двете најчести поплаки – пишува Би-би-си.
Превезот како лекција
Добротворните организации предупредуваат дека членовите на заедниците со неми лица или оние што имаат проблеми со слухот, можеби ќе имаат проблеми доколку носењето маски стане вообичаено и широко распространето. Но милиони жени во светот носат превези секој ден и очигледно немаат проблеми со комуникацијата.
Очигледно маската за лице се разликува од велот за лице, кој личи на никаб или бурка. Маската за лице се носи од здравствени причини, а бурката од културолошки или верски. Овие две прекривки за лицето имаат доста различно значење и мотивација за оние што ги носат. Сепак, заедничко им е што и едните и другите го покриваат лицето. Што можеме да научиме од жените што носат превез и кои комуницираат со околината без проблеми? И дали маските навистина ја отежнуваат нашата интеракција со другите толку колку што мислиме?
– Кога не можеме да го видиме целото лице, тогаш холистичката обработка е попречена. Ова важи дури и за културите како што е онаа во Саудиска Арабија, каде што превезот е норма – велат психолозите.
Луѓето сепак таму развиваат вештини на холистичка обработка, бидејќи децата и мажите не ги покриваат лицата, а жените не носат превези кога се дома и во женско друштво.
Клучното правило на толкување на изразот на лицето тогаш е проучувањето на држењето на телото и неговото движење.
Уште од дамнешни времиња луѓето биле склони кон приспособување и читање на фацијалните експресии на другите. Оваа вештина веројатно ни ја донела еволутивната предност.
Чарлс Дарвин пишува за тоа во својата книга „Изразувањето на емоциите кај човекот и кај животните“, издадена во 1872 година.
Искуството како да се прочитаат емоциите од лицето може да помогне во социјалните интеракции, да ги намали недоразбирањата и да ѝ помогне на групата да функционира ефикасно и хармонично заради општо добро.
Важноста на лицето и на устата во невербалната комуникација
Кога станува збор за проучувањето на лицето, очите и устата се најинформативните предели затоа што се обично најекспресивни. Ние потсвесно ги анализираме нивните движења за да сфатиме што се обидува некој да ни каже. Сепак, секое својство на лицето само за себе може исклучително добро да пренесе некои емоции. Пределот на устата особено е добар во изразувањето на чувството на радост. Покриената уста со маска може да влијае на сликата на нашиот пријателски настап. Криењето на тој дел од лицето може да биде проблематично кога сакате да се претставите како некој што е достапен и пријателски настроен – што би можело да објасни зошто е толку голем бројот на медицински работници на првата линија на одбраната од вирусот, кои лепеле фотографии на кои се насмеани на својата медицинска заштитна облека, во обидот да ја ублажат нервозата кај пациентите.
– Но делумно покриеното лице, може да не доведе во заблуда – предупредува Алекс Мартинез, професор по елкетротехника и компјутери на Државниот универзитет во Охајо, САД.
Мартинез ги проучува начините на кои ги препознаваме фацијалните експресии, што подоцна се користи во машинското препознавање лица.
– Не мораме да бидеме радосни за да се смешкаме и не се насмевнуваме секогаш кога сме радосни – истакнува тој.
Дотолку повеќе, студиите покажуваат дека има 19 различни типови насмевка – а од нив само 6 се поврзуваат со чувство на радост и задоволство. Другите ги користиме кога се плашиме, кога ни е непријатно, па и кога нешто нѐ боли.
– Клучот за правилно толкување на фацијалните експресии е во проучувањето на ставот на телото, движењата и контекстот – нагласува Мартинез.
Во нормални околности, гримасите на лицето се дел од усогласен пакет сигнали – вклучувајќи ги движењата со рацете, говорот на телото, зборувањето, висината и тонот, па дури и бојата на лицето, и сите заедно пренесуваат пораки и намери.
– Сѐ додека имате пристап до другите сигнали сте безбедни. Фактот дека носите маска или дека ви е покриено лицето не треба да ги спречи другите да сфатат што сакате да соопштите на невербален начин – вели Мартинез.
Самар ал Заер, клинички психолог од Холандија, открива дел од вистината кога е во прашање нејзиниот некогашен живот во Саудиска Арабија. Иако таа самата не го покривала лицето, голем број нејзини роднини и колешки го правеле тоа.
– Повеќе обраќам внимание на нивните невербални знаци, правам повеќе контакти со очите за да разберам како се чувствуваат и за да се обидам да фатам некоја емоција. Затоа внимателно ги следам и нивниот тон и движењето на рацете – се присетува Ал Заер.
Марија Али (34), домаќинка од Равалпинди, Пакистан, која носи никаб, се согласува со тоа. Таа вели дека никогаш немала проблеми во комуникацијата со другите жени со превез, дури ни тогаш кога не ги познавала.
Искуствата на Али и на Ал Заер покажуваат дека не мора да зависи само од лицата со маска дали ќе ги разберат и слушателите можат да ги преземат неопходните приспособувања.
– Комуницирајте понагласено, користете повеќе зборови, поставувајте повеќе прашања, за да бидете сигурни дека правилно сте ги разбрале емоциите на другата личност. Исто така научете го говорот на телото – порачува Ал Заер.
Подемот на „инклузивната маска“
Сепак, за луѓето со проблеми со слухот покриената уста и натаму е голема пречка. Најмалку 5 проценти од светската популација има оштетувања на слухот, што им пречи во секојдневниот живот, а читањето од усни или фацијалната експресија може да бидат важен дел од комуникацијата, дури и за оние што се служат со знаковен јазик.
Во некои земји се прават проѕирни прозорци на маските за овие лица. Хуманитарните организации сметаат дека проѕирни маски треба да имаат сите што работат во јавниот сектор, за да се обезбеди подобра комуникација со луѓето.