„Икеа“ планира да почне со продажба на резервни делови за парчињата мебел што ги продава како свои производи, со цел да се обиде да помогне во зачувување на природата, пренесуваат светските медиуми. Од шведската компанија информираат дека тие се обидуваат да продаваат предмети како што се ногарки, тапацир и потпирачи за грб, со завртки и навртки кои се веќе бесплатни.
Со ова ќе се продолжи животниот век на нивните производи и компанијата ќе го промени имиџот што ги има како производител на мебел за еднократна употреба. Планот е во почетна фаза и засега нема точен датум кога ќе почне продажбата на резервни делови.
– Компанијата тестира разни производи – изјави Лена Прип-Ковак која е одговорна за одржливоста на „Икеа“, за „Фајненшл тајмс“.
И покрај обидите нивните производи да траат подолго, компанијата не очекува значително да опадне продажбата на мебел. Ова е најновиот потег на компанија која сака да го продолжи векот на траење на производите што ги продава и да спречи луѓето да ги фрлаат.
Минатата година „Икеа“ по вторпат откупуваше користен мебел, полици за книги и некои други парчиња. За возврат, компанијата понуди 50 отсто попуст на цените во нивните продавници. Понудата се однесуваше на мебел без тапацир, како што се полици за книги, столови, маси и маси за јадење.
„Икеа“ информира дека предметите што не можат да се препродадат ќе бидат рециклирани. Целта на компанијата е нејзиниот бизнис да има позитивно влијание врз климата до 2030 година, односно да користи само рециклирани материјали и производи. Исто така, како што стои во информацијата за јавноста, компанијата минатата година ја достигнала зацртаната цел и користела 98 отсто рециклирано дрво во производството.
Некои стари производи на „Икеа“ од претходните децении достигнуваат високи цени на аукции. Во последните неколку години, тие беа продадени за неколку илјади евра.