Групи од Велика Британија кои ги застапуват правата на работниците се загрижени што шведската компанија „Биохекс“ понуди да имплантира чипови на работници во одредени финансиски компании, пренесува „Гардијан“.
Микрочиповите, со големина на зрно ориз, се вбризгуваат со шприц помеѓу палецот и показалецот на дланката, а наликуваат на чиповите што се наменети за домашните миленичиња. Тие можат да бидат употребувани за отворање врати од канцеларии на работното место, влезната врата во домот, автомобилите и како замена за билет за јавен превоз, како и за складирање на лични податоци.
– Многу компании имаат важни документи со кои работат. Овие микрочипови би им овозможиле да постават одредени забрани и ограничувања за пристап до тие информации – изјави Жован Устерлунд, основачот на „Биохекс“.
Но, идејата за микрочипирање на работниците отвора етички прашања и можност за експлоатација.
– Технологијата го менува начинот на кој работиме, но предизвикува и одредени компликации. Компаниите треба да се посветат на односот што го имаат со своите вработени. Загрижувачко е што некои компании веќе користат технологија со која полека можат да ги контролираат вработените, така што полека им го одземаат правото на нивна приватност. Постојат и одредени ризици, а компаниите не треба да ги присилуваат своите вработени да имплантираат чипови – вели Френсис О’Брајди, генералниот секретар на Унијата на трговски синдикати на Англија и Велс (ТУК).
Некои компании ја разгледале идејата да имплантираат микрочипови на своите вработени, иако, се претпоставува дека мала е веројатноста тоа да се случи наскоро. Медиумите посочуваат дека законите би требало да го следат развојот на технологијата, односно да се менуваат паралелно со воведувањето иновации.