Кога луѓето се соочуваат со големо количество анксиозност, тоа го сфаќаат како закана и развиваат стратегии за да се одбранат. Отфрлањето може да се манифестира на повеќе начини, одбивајќи да се носи маска, да се присуствува на големи собири или неверување дека пандемијата навистина постои.
Негирањето како механизам за справување не е секогаш лош избор. На краток рок му дава на поединецот време да се приспособи на ситуацијата. Но кога станува долгорочно и ги загрозува другите, може да биде опасно, пишува „Си-ен-ен“.
Психолозите Ева и Марк Витмор изминале години проучувајќи ги дезинформациите и склоноста кон потврда на нештата, кога ги бараме оние податоци што ќе го потврдат нашето мислење. Ева Витмор работи како клинички психолог во округот Стоу во Охајо, а Марк Витмор работи како асистент професор на државниот универзитет „Кент“, исто така во Охајо.
На прашањето за негирањето и зошто ние негираме работи што очигледно се вистинити, тие одговараат дека негирањето е конструкција што се користи во психологијата за да се опише како луѓето се справуваат со конструирањето на реалноста.
– Негирањето е начин на кој луѓето се бранат од анксиозноста. Кога тие се наоѓаат во ситуација со големо количество вознемиреност, тоа го перцепираат како закана и развиваат стратегии за да се одбранат. Една од овие стратегии е негирањето без оглед кој е изворот на информацијата. Во овој случај, поединецот би можел да рече: „Пандемијата е измама. Таа навистина не постои“ – вели Марк Витмор.
Негирањето може да биде лошо за личноста, што значи дека не му помага на тоа лице да се приспособи на изворот на заканата.
– Покрај тоа, може да ве изложи на уште поголема закана, каква и да е таа. Во случај на пандемија, може да се разболите затоа што го негирате тоа и затоа што ја тривијализирате сериозноста на ситуацијата. Во тој случај, веројатно, не сте ги презеле неопходните чекори за да се заштитите – истакнува Витмор.