Симеон Атанасов, музичар
Ова е преседан во светски рамки. Уметници со многу заслуги и награди, кои беа културни амбасадори на нашата земја со тестамент да ѝ остават се на државата, а надлежните да не покажуваат никаков интерес за тоа, вели Атанасов
Музичарот и композитор Симеон Атанасов, кој целиот свој живот го мина во оркестарот на Есма Реџепова и Стево Теодосиевски, како едно од 47 децата на кои тие им обезбедија школување и грижа, по смртта на кралицата на ромската музика на 11 декември 2016 година, со сите сили се бори да се заштити нивната куќа на Кале и сите вредни предмети во неа. Последна желба на неговите родители била таа да се претвори во музеј и дом на хуманоста, каде што талентирани деца од посиромашни семејства ќе го откриваат светот на музиката.
Но колку и да е неговата желба голема, да се оствари аманетот на Есма и Стево постојано наидува на пречки, од семејството Реџепови кое сака да го оповргне тестаменот, и од државата, која со години не се изјаснува дали ќе ја прифати донацијата на познатата брачна двојка, која низ целиот свет со својата музика ја претставуваше Македонија.
– На 26 јануари се одржа рочиште во врска со двата тестаменти кои што ги остави Есма Реџепова. За жал, се е одложено за 4 април. Aдвокатите на тужителите Реџепови побараа да се стопира целиот процес бидејќи Министерството за култура и по четири години сѐ уште нема донесено одлука дека прифаќаат да биде наследник на музејот, како и што е наведено во тестаментот. Мојот апел е: дозволете им на Есма и Стево Теодосиевски да почиваат во мир. Нивните души нема да се мирни додека не се исполни нивниот аманет, да се отвори музејот, музичко училиште за деца кои што немаат услови, а имаат талент. Тие имаа желба и нивните урни да се наоѓаат во тој музеј – со многу емоции ни рече Симеон Атанасов.
Тој додава дека е многу разочаран од незаинтересираниот однос на надлежните инсититуции.
– Роберт Алаѓозовски, национален координатор за интеркултурализам ни вети дека на оваа тема ќе се разговара на највисоко ниво во владата, но сѐ уште ништо не се остварило. Ќе побараме уште една итна средба со преставници на Министерството за култура за да ни дадат објаснување зошто и по четири години не доставиле официјална изјава до судот дека прифаќаат да бидат наследници на оставнината на Есма и Стево Теодосиевски. Зарем треба да пропадне сето она што го стекнаа Есма и Стево и ние нивните деца, макотрпно работејќи. Мислам дека ова е преседан во светски рамки, уметници со многу заслуги и награди, кои беа културни амбасадори на нашата земја со тестамент да ѝ остават се на државата, а надлежните да не покажуваат никаков интерес за тоа – посочува тој.
Па иако кај нас со игнорансткиот однос кон овој проблем, на некој начин се омаловажува сето она што Есма Реџепова го направи во својата долга и успешна музичка кариера, светот не ја заборава големата уметница. Постојано се пишува за неа, а последниот голем напис беше објавен на 16 јануари во списанието „Француска музика“ (France musique) со наслов: „Есма Реџепова, моќниот глас на ромската музика“.
– Кралицата на ромската музика е позната како еден од најмоќните гласови на ромската заедница во светот, а нејзината песна „Џелем, џелем“ стана химна на Ромите. Од 1961 таа почнува да настапува на најпознатите сцени во светот, истовремено привлекувајќи го вниманието на Ромите и на нивните проблеми, а особено се залагаше за правата на жените Ромки. Есма велеше дека песната ја штитела од секое зло во животот, во кој многу даде и подари, а остави и стотици песни кои и во иднина ќе се пејат – се вели меѓудругото во написот во списанието „Француска музика“. М.Т.