Снимањето на последната, осма сезона од ТВ серијата „Игра на престолите“, заврши, и ќе има шест епизоди, соопштија ѕвездите на друштвените мрежи.
Продукцијата траеше повеќе од девет месеци, а филмаџиите успеаја содржината на завршните епизоди да ја задржат во тајност.
– Никој не го доби сценариото на хартија. На сите ни беше испратено во дигитална верзија на апликација, при што по читањето, документот сам се брише. Репликите ги добивавме ден пред снимањето, а по 24 часа, тие исчезнуваа – раскажува глумицата Софи Тарнер која во серијата ја толкува Санса Старк.
Таа вели дека на сцената им било забрането фотографирање и дека сите морале да носат налепници на камерите од мобилните, а учесниците во снимањето имале и кодно име.
Премиерата на последните шест епизоди од сагата е најавена за наредната 2019 година.