Во соработка со Министерството за образование, Македонската радио-телевизија, Францускиот институт во Скопје и ТВ 5 монд, емисијата „Седум дена на планетата“ ќе се емитува на МТВ, секој петок, со почеток од 12.30 часот.
Подготвена како неделен магазин за актуелни теми што ги опфаќаат најважните настани на седмицата, емисијата „Седум дена на планетата“ овозможува учење на францускиот јазик преку информирање за новостите во светот, а ќе биде емитувана со превод на македонски јазик.
Одредени делови од емисијата се дидактизирани според нивоата на европската референтна рамка за јазиците и придружени со многубројни педагошки ресурси за професорите по француски јазик и учениците, достапни на сајтот на ТВ 5 монд.
Професорите по француски јазик во нашата земја, со поддршка на Францускиот институт во Скопје, веќе следеа вебинар за користење и употреба на овие педагошки ресурси на час.
Добитничка на многубројни награди и признанија за најиновативни педагошки методи во изучувањето и наставата на странските јазици, меѓу кои и „Европски бренд за јазиците“ и „Бренд над брендовите“, оваа исклучителна и бесплатна програма, поддржана од Министерството на Европа и надворешни работи/Француски институт, Меѓународната организација на франкофонијата и Универзитетската агенција за франкофонијата, отсега е достапна и за професорите и учениците во Македонија, земја полноправна членка на Меѓународната организација на франкофонијата од 2006 година.
Оваа активност има цел, во овој период на пандемија, да го придружи и поддржи учењето на далечина на францускиот јазик за голем број ученици во земјава.