Ан Идалго, градоначалничката на Париз одобри 250 милиони евра вреден план за разубавување на авенијата Елисејските полиња. Планот нема да се спроведе пред Летните олимписки игри што треба да се одржат во 2024 година, чиј домаќин ќе биде француската престолнина, пренесуваат светските медиуми.
Планот што комитетот го претставил на крајот на 2019 година предвидува претворање на 1,9 километри долгата авенија во „извонредна градина“.
– Легендарната авенија го изгуби својот сјај во изминатите 30 години. Парижаните постепено ја напуштаа и беше погодена од неколку продолжени кризи. Елисејските полиња често се нарекуваат најубава авенија на светот, а ние кои сме тука секој ден не мислиме така. За нас таа изгледа истрошено – изјавил Жан-Ноел Рајнхарт, претседателот на комитетот.
Архитектот Филип Кјамбарета, чие студио ги прави плановите за разубавување и обнова на авенијата Елисејски полиња, вели дека пред пандемијата на ковид-19, сто илјади пешаци дневно поминувале преку авенијата, од кои 70 отсто биле туристи. А по 8-те ленти на коловозот за еден час поминуваат 3.000 возила, што авенијата ја прави еден од најзагадените делови на градот. Планот вклучува и редизајн на славниот плоштад „Конкорд“. Целосната трансформација на Елисејските полиња треба да биде готова до 2030 година.