„Д Фестивал“ се приклучува кон кампањата „Гласно против гласини“, како уште еден начин на поддршка и придонес во борбата против гласините кон жените што доведуваат до родови стереотипи и предрасуди. Фестивалот се придружува во борбата против стигматизација на жените во општеството заснована врз основа на приказни и верувања, сомнежи и невистини.
Кампањата „Гласно против гласини“ е поддржана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и има за цел да го сврти вниманието на јавноста против гласините насочени кон жените Ромки, жените од руралните средини, жените со попреченост, жените со религиозно обележје, жените-мигрантки и младите жени. Овие гласини се најчесто резултат на долгогодишни родови стереотипи и родови предрасуди кои за жал се уште постојат во нашето општество, а имаат негативен ефект и придонесуваат кон создавање нееднаквост на овие групи во општеството. Клучен приоритет на кампањата е да поттикне позитивна општествена промена, со цел промовирање еднакви права и подобрување на положбата на жените во општеството.
Годинешното издание на „Д фестивал“ ќе се одржи на 22 август во Дојран. Следете ги мерките, почитувајте ги препораките и забавувајте се безбедно на овој музички спектакл, истовремено вклучувајќи се во борбата против гласините за жените!
#СекојаЕднаЕВредна